Мицкоски сега чека амбасадорите на ЕУ во Скопје и Софија да ја разубеделе бугарската влада


 

Откако од нависоките претставници на Европската унија повеќепати изрично беше нагласено дека нема промена во преговарачката рамка, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, сега предлага амбасадорите на ЕУ во Скопје и Софија да го решеле проблемот со тоа што ќе ја разубедувале бугарската влада. И така да се откочел патот на Македонија кон ЕУ, а не преку уставните измени.

„Ние стоиме со амбасадорот Гир кон европската иднина и очекувам да го повика својот колега во Софија, да разговара со бугарската Влада во Софија и конечно да го отвори патот на Македонија и македонските граѓани кон Европската Унија, без диктати, без ултиматуми и без хегемонистички барања“, изјави Мицкоски денеска од Вевчани.

Тој ова го кажа во одговор на новинарското прашање како ја толкува изјавата на евроамбасадорот, Дејвид Гир, којшто вели дека ако ВМРО-ДПМНЕ и ако тој лично се за Европската унија јасно е што треба да направат за уставните измени, и дека нема повторно отворање на преговарачката рамка.

„Јас сум исклучително загрижен зошто не ги загрижува високото ниво на корупција, криминал, понижувањата што се случуваат при издавањето на патните исправи на македонските граѓани, насилството во М-НАВ и сѐ што претставува вистински проблем за македонскиот граѓанин“, рече лидерот на опозицијата.

На прашањето за претседателскиот кандидат на партијата и дали ВМРО-ДПМНЕ би поддржала и непартиски кандидат, Мицкоски рече дека преку внатрепартиските анкети некаде во втората половина од февруари ќе знаат кој има најголеми шанси за кандидатура.

„ВМРО-ДПМНЕ е демократска партија и секој што ќе ги исполни условите може да се јави во внатрепартискиот процес којшто ќе заврши со конвенција којшто делегатите ќе го изберат кандидатот зад којшто ќе застане ВМРО-ДПМНЕ“, нагласи Мицкоски.

Според лидерот на опозицијата, Власта не создава услови за фер избори на сите учесници и тоа се гледа од илјадниците активни огласи за вработувања во јавната администрација во очи изборите. 

Друг параметар, вели Мицкоски, од којшто може да се види дека нема еднакви и фер услови за сите во изборната трка е и празното место во Државната изборна комисија кое му припаѓа на албанската опозиција.