Мицкоски се сретна со Зеленски во Минхен, се заложи за праведен мир
Премиерот Христијан Мицкоски во рамки на престојот во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на која фокусот бил ставен на безбедносните предизвици во Европа и можностите за праведен и одржлив мир.
Двајцата лидери разговарале за потребата од европско единство и солидарност во услови на војна и глобални турбуленции, како и за продлабочување на билатералната соработка.
– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда и почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир – изјави Мицкоски по средбата.
На разговорите било отворено и прашањето за економската размена и поддршката во процесите на напредок на државите, при што, како што истакнал премиерот, „напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба“.