Мицкоски се одлучи – нема да пишува писмо до ЕУ. Било беспредметно
Премиерот немало што да ѝ пише на Европската унија кога сите негови ставови нејзините челници веќе ги знаеле
Ништо од писмото.
Премиерот Христијан Мицкоски веќе се одлучил, но денеска изгледа ги надогради барањата на македонските власти за продолжување на европскиот пат.
По двонеделно премислување, Мицкоски се откажа да пишува писмо до институциите на ЕУ поврзано со евроинтеграцискиот пат и во кое требаше да ги претстави позициите на македонската влада во врска со начинот како може да се изведат уставните измени и да почнат преговорите по кластери.
Тој уште го надогради она што го претстави како барање претходно. Сега Мицкоски, како што јави МИА, вели дека прво бугарскиот парламент треба да го ратификува пристапниот договор, а после кај нас да почне процесот на уставни измени. До неодамна планот на владата беше уставните измени да се усвојат, но тие да имаат одложено дејство и да стапат во сила по одлуката на бугарскиот парламент. Иако од неговата изјава не се разбира точно како го замислува процесот
Мицкоски денеска изјави дека сега било беспредметно да се испраќа писмо до Европската унија, бидејќи она што требало да се наведе во писмото веќе е разговарано со лидерите од Европската унија и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во четвртокот.
Во изјава за медиумите дадена денеска во општина Аеродром, премиерот рече дека позицијата на земјата е јасна и дека за да почне процесот на уставни измени потребно е бугарскиот парламент да го ратификува пристапниот договор на нашата држава за влез во Европската унија.
„За да почне процесот на уставните измени потребно треба она што ние го предлагаме да биде прифатено – а тоа е кога бугарскиот парламент ќе го рафитикува пристапниот договор на нашата земја во рамките на Европската унија, да важат тие уставни измени. Мислам дека е тоа фер решение за сите, имајќи ја предвид состојбата во којашто нѐ доведе владата во која клучниот збор го имаше Бујар Османи и зад себе ги водеше Маричиќ и Ковачевски. Сега дознавам што се правело во тој период и навистина тие информации се шокирачки, затоа жестоко се бориме. Друг тип на уставни измени додека сум јас премиер нема да има, ултиматуми и диктати нема да прифаќам“, рече Мицкоски. (Н.В.)