Мицкоски се извини за големото присуство на полицијата
Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција во контекст на одговор на новинарско прашање им се извини на граѓаните за големото присуство на полициски сили кои транзитираат низ главниот град и пошироко. Акциите биле избрзани во јавноста, зошто постоело опасност, како што рече тој, да бидат пробиени.
Во текот на вчерашниот ден беше спроведена акција во струшкиот и гостиварскиот регион каде што беше разбиена четиричлена терористичка келија која сакала да ја дестабилизира земјата. Синоќа се претресуваа и локации на членови на кланот Беланоца во обид да се расчистат четири убиства. Денеска пак излезе информација дека полицијата упаднала во домовите на поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами,како и на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби.
– Знам дека имаше инфомармации за акции на МВР во одредени средини,каде што постојат одредени сомневања на сторители на многу кривични дела. Да им се извинам за непријатностите во текот на ноќта ,зошто имало униформирани лица насекаде. Имаше сомневања дека може да биде контаминирана полициската акција. Сепак станува збор за расчистување на голем број убиства и фатални случаи, рече Мицкоски.
– Постои основано сомневање за злоупотреби и сторен криминал на поедини високи владини функционери од минатите состави на Владата. Знам дека има истрага, но не сум запознаен со деталите, порача премиерот.