Мицкоски сака да ѝ го префрли „жешкиот костен“ на Лајен

Ние ќе помогнеме  да се спроведе обврската што Северна Македонија ја презеде како суверена држава, порача Лајен


Уставните промени треба да се направат и тоа е важно за мене, рече Урсула фон дер Лајен (Фото: Б. Грданоски)

 

Премиерот Христијан Мицкоски се обиде денес на средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, проблемот што го има Македонија со уставните измени да ѝ го префрли на Европската унија, инсистирајќи дека за негово решавање е потребна – заедничка соработка, дијалог и меѓусебно разбирање.

Дали успеја да изнуди некакво ветување не е јеасно, бидејќи главните разговори со водеа зад затворена врата меѓу нив двајцата, но јавно Лајен му порача дека обврската за уставните измени е суверена одлука на Северна Македонија и дека не треба да губиме време вртејќи се кон минатото.

Генерално, Лајен имаше интерес да пренесе две пораки – дека нејзина цел е што побргу да ги продолжиме преговорите со отворање на првиот кластер и дека преку Планот за раст и другите иницијативи македонските граѓани веќе чувствуваат како изгледа да се биде дел од европското семејство, најавувајќи ги 750 милиони евра нови инвестиции што ќе дојдат по секои реформи во земјата.  

„Навистина е добро да се слушне дека сте толку посветени на вашиот пристапен пат кон ЕУ. Северна Македонија постигна многу и покажавте одлучност во преземањето на секој чекор. Навистина сакам да ја пофалам Северна Македонија и да оддадам почит на луѓето. Сега работата навистина треба да продолжи“, порача Лајен.

Таа потврди дека ЕУ ќе биде со нас и ќе нѐ поддржува на секој чекор на пристапниот пат, но не вети поддршка за промена на условите за преговори.   

„Речиси сме таму. Ние ќе помогнеме да се спроведе обврската што Северна Македонија ја презеде како суверена држава на секој дел од патот. За мене е важно дека имаме јасна цел. Работам колку што можам за да ги отворам преговорите за првиот кластер ‘Фундаментални вредности’. Уставните промени треба да се направат и тоа е важно за мене. Важно е да бидеме успешни и затоа сакав да ве уверам дека ќе бидеме со вас на секој дел од патот за да стигнеме  до заедничката цел. Мене ми е важно да не се вртиме многу назад туку кон иднината и да го пишуваме следното поглавје од нашата заедничка иднина – заедно“, рече Лајен на прес-конференцијата.

Таа изрази надеж дека сите политички сили во земјата ќе се здружат и ќе ги преземат потребните и одлучни чекори за напредок, порачувајќи дека е уверена дека можеме да ги надминеме пречките што сѐ уште постојат.

„Драг Христијан, бидете сигурен дека проширувањето ќе остане врвен пориоритет на Европската комисија во следните пет години. Ги имаме неопходните алатки и инструменти тоа да се случи“, порача Лајен во врска со раширените тврдења кај нас дека прашање е дали воопшто ќе има проширување на Унијата на долг рок за да се прават вакви отстапки. Таа предупреди исто така дека „младите во Македонија никогаш нема да ни простат ако не одговориме на предизвикот“, евоцирајќи спомени од средба со студенти во нашата држава, а игнорирајќи ја претходната посета кога беше дочекана со навреди и протести. 

Фон дер Лајен изрази надеж дека сите политички сили во земјата ќе се здружат и ќе ги преземат потребните и одлучни чекори за напредок (Фото: Б. Грданоски)

Генерално претседателката на ЕК посочи дека Северна Македонија постигнала многу и дека покажала одлучност во преземањето на секој чекор и ни изрази почит за стопроцентната усогласеност со надворешната и безбедносна политика на ЕУ и за поддршката за Украина.

„Имаме многу области каде имаме одлична соработка и навистина сакам да се заблагодарам за сето тоа“, рече Лајен.

Премиерот Мицкоски пред Лајен го повтори она што го очекуваат тие што гласаа за ВМРО-ДПМНЕ на последните избори, односно дека ќе бара ново решение од ЕУ кое ќе значи гаранција дека нема да има нови барања што не се во согласност со вредностите на ЕУ. Тој тврдеше дека како Влада се цврсто посветени Македонија да стане полноправна членка на Унијата пред да ја повика претседателката на ЕК  да помогне да најдеме излез од застојот. 

„Владата високо ја цени заложбата на претседателката на ЕК за проширување на ЕУ во најскоро време. Во овие сменети геополитички услови ние остануваме сигурен, стабилен и посветен партнер на ЕУ. Затоа ја повикуваме ЕК заедно со нас да помогне во изнаоѓање начини како да го продолжиме европскиот пат, уважувајќи ги легитимните ставови на нашите граѓани дека во иднина нема да се соочуваме со барања кои се во спротивност со идеите и вредностите на кои почива ЕУ“, рече Мицкоски.

Фото: Б. Грданоски

За пораките на Лајен тој рече дека биле јасни, односно дека треба да работиме напорно за да дојдеме до целта – да станеме дел од европското семејство, а Владата ќе направи сѐ што може „да ја доближи ЕУ до граѓаните“ место да каже што ќе направи да ги продолжи преговорите и дали добил поддршка за одложената примена и за гаранциите што ги бара од ЕК.