Мицкоски рече дека договорите од претходната влада мора да се почитуваат
Премиерот уште еднаш побара од Европскиот совет да донесе заклучок за македонскиот јазик и идентите
Премиерот Христијан Мицкоски и вечерва ги повтори неговите познати ставови околу промената на уставот. Во интервјуто за МТВ тој рече дека уставните измени нема да се случат без јасни гаранции дека процесот на евроинтеграција нема да биде проследен со нови блокади и билатерални условувања. Но има еден мал отклон кога рече дека мора да се почитуваат преземените обврски од претходната влада.
„Ние велиме вака: го почитуваме ли сите меѓународното право? Го почитуваме. Ако го почитуваме, и ако ние сме свесни за преземените обврски на претходната влада, колку и да биле тие катастрофални, преземени се од нашата влада, без разлика кој е таму сега премиер и слично. Дали му е тоа по волја или не му е по волја, опцијата е: ако се однесувате надвор од институциите, ќе бидете изолирани и прашањето е каква иднина ѝ следува на државата. Колку и да е горчливо сето тоа, тоа е реалност“, изјави Мицкоски.
Според него, принципиелен став е соседна Бугарија да ги почитува конвенциите кои што ги има ратификувано, што подразбира овозможување на регистрација на македонската заедница.
Тој рече дека во разговорите со претставниците на меѓународната заедницадобива уверувања дека ЕУ нема да дозволи нови блокади и дека го признава македонскиот идентитет. Сепак, Мицкоски останува цврсто на ставот дека овие уверувања мора да се официјализираат преку заклучок на Советот на ЕУ.
„Ако навистина го мислите тоа, тогаш, ве молам, како заклучок, донесете го тоа, за да можеме ние да излеземе пред граѓаните и да кажеме: ‘Видете, луѓе, сакаме ли во Европска унија? Сакаме. Баравме ли од Европската унија гаранции за нашиот идентитет, јазик, дека нема да има билатерални вета? Еве, нов заклучок донесе Советот за нас, гледате, ни го испорачува тоа. Од друга страна, еве гледајте, нашиот источен сосед дозволи ОМО ‘Илинден’ – Пирин да се регистрира, сега имаме претставник во Советот на министри за малцински права во таа влада. Тогаш можеме да дискутираме што ние, како Влада, ќе испорачаме“, додаде Мицкоски.
Во однос на информациите за евентуален „нон-пејпер“ од еврокомесарката за проширување Марта Кос или нови документи за олеснување на членството, премиерот информираше дека таков документ сè уште не е пристигнат.
„Имаме некоја информација како би изгледале контурите на сето тоа. Од тие информации кои ги имаме, тоа во моментот не зависи од Комисијата, туку зависи од Советот, од земјите членки“.
Тој рече дека процесот најмалку зависи од нас, туку од политичката волја на земјите-членки да прифатат нови методологии, како што е постепената интеграција.