Мицкоски пред полицијата и обвинителството соопшти дека Васко Ковачевски не е во државава
Премиерот на прес-конференција даваше одредени детали за големата акција што се спроведува од утринава
Од утринава полицијата и обвинителството за гонење организиран криминал се во голема акција на приведување осомничени за сторени злоупотреби во ЕСМ, РЕК „Битола“, РЕК „Осломеј“ и ТЕЦ „Неготино“. Во оваа акција, прво се појавија информации дека наводно е уапсен поранешениот директор на ЕСМ Васко Ковачевски, заедно со уште десетина други лица.
Но потоа се појавија други информации, Васко Ковачевски не е меѓу уапсените, затоа што поранешниот директор на ЕСМ во септември или октомври ја напуштил државава.
Најпосле овие недоумици ги расчисти самиот премиер Христијан Мицкоски, кој и пред обвинителството и пред полицијата соопшти дека Васко Ковачевски не бил во државава. „Очекувам брзо да биде обезбеден пред правдата и сите да дадат одговор за овие основи на сомнение“, изјави премиерот Мицкоски.
„Од информациите кои ги имам и сум запознаен од страна на МВР, станува збор за добро организирана група на високи претставници на компанијата и лица кои управуваат со други правни субјекти, за кои постои основано сомнение дека направиле криминал од околу 6,5 милиони евра. Многу докази се најдени, но тоа ќе го оставам на обвинителството, на судовите. Мора да веруваме на презумпцијата на невиност. Бевме обвинувани дека многу малку органите на прогонот превземале чекори во насока на обезбедување на лица кои се организирале или индивидуално постојат сомневање дека сториле криминал. Ние баравме трпение бидејќи мора да имаме јасна процедура и докази, но и да соработуваат двата клучни столба, а тоа се обвинителството и судството. Таму сѐ уште постојат структури кои се повеќе лојални на претходната влада отколку на правдата. Како да гледам полека во последно време, сѐ повеќе се приближуваат да и бидат лојални на правдата отколку на тие на кои претходно им слугувале“, додаде премиерот.
Осомничени се 19 физички лица, а освен Ковачевски недостапни за полицијата се уште три лица, меѓу кои и Васко Стефанов кој го наследи Ковачевски на директорското место.
Од МВР само потврдуваат дека во тек е полициска акција.
„Во тек е полициска акција во координација со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. По завршувањето на истата соодветно ќе ја известиме јавноста“, велат од МВР.
Детали за акцијата за подоцна најавуваат и од ОЈОГОКК.
Според првичните неофицијални информации, се истражуваат сомнителни јавни набавки, тешки неколку милиони евра.
Васко Ковачевски, поранешен директор на ЕСМ и поранешен член на Управниот одбор на компанијата, близок соработник на поранешниот премиер Зоран Заев, е едно од звучните имиња опфатени во денешната акција на МВР, за откривање на повеќе дела поврзани со епскиот криминал во РЕК Битола, во ТЕЦ Осломеј и во ТЕЦ Неготино, за кој се говори подолго време.
Со мега акцијата на МВР се опфатени вкупно 29 физички и 4 правни лица од Велес, Неготино, Битола, Кичево и од Скопје. Плусинфо дознава кои лица се осомничени.
Покрај Ковачевски, осомничен за кривичното дело Несовесно работење во службата, на списокот на осомничени е и Васко Стефанов, кој го наследи Ковачевски на позицијата генерелен директор на ЕСМ.
Во медиумите се споменува дека во акцијата се опфатени и Пеце Матевски од Битола, поранешен директор на РЕК „Битола“, комерцијалниот директор на ЕСМ, Ардијан Муча, како и Данчо Стојановски од Велес
Акцијата на обвинителството и полицијата се однесува на злоупотреба на јавен повик за набавка на адитиви за РЕК „Битола“ и за РЕК „Осломеј“, при што осомничените членови на злосторничкото здружение нанеле штета и стекнале противправна имотна корист од околу 6,5 милиони евра.
Како организатор е осомничена и Маја Јорданова од Велес, во својство на носител на договорот за адитивите, која е вработена во „Пошта“. Со акцијата е опфатен и Небојша Стојановиќ од Неготино, исто така како организатор. Тој е поранешен директор на ТЕЦ „Неготино“.