Мицкоски пред амбасадорите на ЕУ: Да нема дилема, избори нема да има!

На средбата со амбасадорите на ЕУ премиерот рече дека владата интензивно работи на реформската агенда


Премиерот Христијан Мицкоски и амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас

 

Премиерот Христијан Мицкоски на брифинг со амбасадорите од ЕУ во Скопје денеска порача дека избори оваа година нема да има и дека владата е фокусирана на реформската агенда.

„Нема да имаме избори оваа година. За да немаме дилема, бидејќи често пати дел од вас ме прашуваат дали ќе имаме избори, еве самата оваа амбициозна агенда вели дека нема да имаме оваа година избори, затоа што сме фокусирани на реформа и воведување ред во државата. Такви се проектите ‘Безбеден град’. За жал, некои од опозицијата тоа го злоупотребуваат и се обидуваат повторно да политизираат, а некои да етнизираат.

Потоа, борбата со криминалот и корупцијата, одредени закони кои што ќе значат безбедност за здравјето на граѓаните, како законот за пушење. Работиме со стејкхолдери, со производителите, оние страни кои што се засегнати, како што се секторот угостителство и туризам, и мислам дека во овие неколку недели ќе дојдеме до решение коешто сите заедно ќе го поддржиме. Тука, исто така, има и други закони, како што се Законот за игра на среќа, законите кои што се дел од правосудството, некои ги поминавме, а некои ќе ги поминеме во вторник на владина седница“, рече тој и додаде:

Од средбата со амбасадорите во Владата

„Така што, оваа година имаме прилично амбициозна реформска агенда која што сакаме да ја завршиме. Целта е да ја напишеме домашната задача, а потоа е до земјите членки на ЕУ како понатаму“, истакна тој.

Тој соопшти дека има намера да почне циклус на средби, односно брифинзи со претставници на земјите членки на Европската унија, кои што се резидентни во нашата земја за поблиску да ги доближи активностите што ги прави Владата, а се поврзани со Реформската агенда. Мицкоски посочи дека дел од реформите се реализираат, но дел, како што рече, од објективни причини нема да се реализира, и за тоа се известени претставниците на меѓународната заедница.

„Како Влада кога бевме избрани пред неполни 20 месеци имавме индикативна листа на чекори кои што треба да ги реализираме, практично првата година и половина се одобруваа, се усвојува и слично, работејќи со ЕУ. На почетокот на 2025 година почнаа да се реализираат чекорите. Ценам дека беа испорачани одреден број чекори, а потоа се распишаа локалните избори и поради нашето домашно законодавство, ние не успеавме таа динамика да ја следиме во зависност од нашите амбиции. И бидејќи тогаш парламентот речиси е во техничка форма и не работи и останатите институции, имавме неколкумесечна пауза. Но, веднаш по локалните избори, од ноември, интензивно се работеше на Реформската агенда и на реализирање на чекорите кои што се дел од неа. Тие што не можеме, објективно кажуваме зошто не можеме, бидејќи не би сакале да бидеме Влада која што едно ветува пред нашите партнери од меѓународната заедница, а друго прави зад завеса. Тоа што можеме да го испорачаме, ќе го испорачаме, тоа што не можеме ќе ги дадеме нашите аргументи зошто не можеме, и сме подготвени секогаш на искрен дијалог и разговор со нашите партнери од меѓународната заедница, посебно со нашите партнери од ЕУ“, нагласи премиерот Мицкоски.