Мицкоски политиката во Македонија ја сведе на таблоид, изјави Филипче


 

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција оцени дека премиерот Христијан Мицкоски политиката во државата ја свел на ниво на таблоид. „Наместо решенија и одговори за проблемите со кои граѓаните се соочуваат, сведоци сме на празни изјави на премиерот на ниво на жолт печат, без суштина, без реална политика“, рече тој.

Според него, тоа не било политика, туку дефокус. „Дефокус од катастрофалната состојба во земјата, од реалноста и од проблемите , а тоа е примарна цел на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ. Додека течат криминални тендери зад грбот на народот му се сервираат измислени афери, црни кампањи, јавен линч врз опозицијата“, нагласи Филипче.

СДСМ уште во декември најави дека постои дупка во буџетот и дека во државата нема пари. Филипче рече дека поради тоа Владата отиде со ново задолжување од една милијарда евра преку еврообврзница.

„Нема одговор за дупката од 2 милијарди евра, нема одговор за минимална плата од 600 евра, нема одговор за катастрофата во економијата. Нема одговор ниту за изолацијата, нема одговор за ништо во однос на криминалните тендери коишто ги објавуваме скоро секојдневно. Има само дефокус.

Ќе објават една лажна вест за зграда во Дубаи, а во позадина ќе протуркаат декрет во Собранието. Целото внимание намерно се насочува кон нешто измислено.

Никој да не зборува за скандалите на власта, сите да се занимаваме со непостоечка зграда во Дубаи, со измислена афера која служи како дефокус од главната тема: мигранти за пари.

Секогаш кога ќе излезе некоја измислена, фабрикувана афера, тоа е ДЕФОКУС. Секогаш кога ќе прочитате текст од кујните на ВМРО, вие, почитувани граѓани треба да знаете дека се случува уште една пљачка зад вашиот грб. Прават дефокус за вие тоа да не го видите.

Не ни треба еден лидер, нам ни треба систем, ни треба Европа“, нагласи Филипче.