Мицкоски отиде во Јасен каде гори голема територија

Премиерот Христијан Мицкоски денеска е во ловиштето Јасен каде одблиску се запозна со големите напори да се изгаси пожарот кој има зафатено широка територија. Таму е заедно до директорот на ДСЗ, Стојанче Ангелов. Пожарот го гасат пожарникари, припадниците на специјалните единици во МВР, како и на Министерството за одбрана.
„Можам да кажам дека делумно е под контрола, иако сѐ уште во позадина има огромни јазици на пламен, дејствуваат и воздухопловите, дејствуваат и ‘Ер тракторите’ заедно со хеликоптерите. Се надевам дека во најскоро време и овој пожар ќе биде ставен под целосна контрола, иако морам да кажам дека во текот на вчерашниот ден на територијата на Македонија имавме околу 34 активни пожари, од кои 33 се изгаснати. Денеска останатиот дел од територијата е целосно под контрола, немаме активни пожари, иако ситуацијата се менува од минута во минута“, објави Мицкоски.
Тој апелираше до граѓаните да бидат одговорни при движењето во шумите, а нагласи дека пожарот во Јасен, според информациите што ги добил, е настанат од удар на гром.