Владата усвои оперативен план за вработување на 16 илјади лица

Оперативниот план за вработување за 2025 година е вреден 40 милиони евра, и опфаќа над 16 илјади невработени, од овие лица се очекува 65 проценти да се млади до 29 години, информира на денешната прес-конференција претседателот на Владата Христијан Мицкоски.
Мицкоски посочи дека оперативниот план за вработување, мерки и програми кои ќе понудат работа и поддршка на пазарот на трудот бил срочен на последната седница на Владата.
„Еден од главните приоритети на оваа Влада е зголемување на благосостојбата на граѓаните, намалување на невработеноста и креирање на мерки насочени кон балансиран и ефективен пазар на труд, затоа на последната седница срочивме оперативе план за вработување вреден 40 милиони евра со кои ќе бидат опфатени над 16 илјади наши сограѓани, од кои 12.537 лица во активни мерки за вработување, а 3.520 лица во услуги за вработување. Со овој план се опфаќаат две глави точки, првата е директна поддршка за старт-ап бизниси на млади, втората работа е организиран пристап во сузбивањето на пожари за што ќе се вработат 400 пожарникари кои ќе се стават на располагање на општините каде ќе има потреба, како и дополнително вработување на 600 невработени лица кои ќе бидат ангажирани за јавни работи и општински проекти од инфраструктура и заштита на животна средина на локално ниво“, изјави премиерот.
– Поддршката за самовработување-невработени млади лица до 29 години која според проекциите има опфат од 720 лица. Со оваа мерка невработените добиваат поддршка да започнат или да формализираат сопствен бизнис, со услов да се евидентирани во АВРСМ со минимум завршено основно образование. Висината на финансиската поддршка е 615.000 денари (неповратни средства за основање на бизнис) и 3.000 денари за финансирање на дел од трошокот за регистрација на правен субјект.
– Понатаму поддршка за самовработување-здружување во ДОО кое е предвидено да опфати 400 лица од кои 220 млади до 29 години, која има за цел да овозможи невработените да започнат или да формализираат сопствен бизнис, при што невработените лица треба да се евидентирани во АВРСМ со минимум завршено основно образование. Висината на финансиската поддршка изнесува од 861.000 денари до 1.230.000 денари (правен субјект од два содружника). Најнискиот износ од 861.000 денари се однесува на два содружника над 29 години, а највисокиот износ од 1.230.000 денари се однесува на два содружника до 29 години. Исто така може содружници да бидат лице до 29 години и лице над 29 години. Дополнително се предвидуваат и 3.000 денари за финансирање на дел од трошокот за регистрација на правен субјект.
– Потоа за практикантство чија цел е да вклучи 1.352 млади лица до 29 години за стекнување практични работни знаења и вештини потребни за извршување работни задачи на одредени работни места, при што еден од предусловите е лицата да имаат минимум завршено средно образование.
– Младинскиот додаток за 3.500 млади до 23 години кои ќе засноваат работен однос или се вработени во дејностите од областа на производството. Оваа мерка е насочена кон зајакнување на капацитетите на стопанството со намера поттикнување на ангажирање на младите лица до 23 години за вработување во дејностите на производството по завршување на средното образование, со што ќе се придонесе до подобрување на нивниот животен стандард со работа и задоволување на потребите на работодавачите со соодветно квалификувана работна сила. Висината на финансиската поддршка изнесува 3.000 денари месечно по вработено лице.
Планот опфаќа и мерки како: Поддршка за самовработување (претприемништво)-невработени лица над 29 години која има потенцијал да опфати 610 граѓани;
Поддршка за вработување на лица со попреченост, со опфат од 150 лица;
Обука на работно место кај конкретен работодавач, со опфат од 245 невработени лица евидентирани во АВРСМ;
Обуки за побарувани занимања на пазарот на трудот за 600 невработени лица;
Обуки за возачи за Ц, ЦЕ и Д-категорија за 200 невработени лица евидентирани во АВРСМ;
Но, и обуки за странски јазици, основни вештини за работа со компјутери и многу други мерки и програми.