Мицкоски очекува бензинските пумпи да ги намалат цените по добиениот попуст од ОКТА


Премиерот Христијан Мицкоски очекува малопродажните цени на бензините да бидат намалени за околу 2,5 денари по литар, откако компанијата ОКТА донесе одлука да им даде попуст на сите компании што се снабдуваат од неа за набавените деривати, што ќе трае до крајот на овој месец.

Одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Кочани, тој истакна дека разговарал и со голем дел од сопствениците на бензински пумпи кои кажале оти попустот од добавувачот ќе го пренесат на крајните корисници.

– Добра вест за македонските граѓани е што ОКТА на компаниите коишто соработуваат со нив од денеска ќе им даде попуст од отприлика 45 до 50 долари по тон. Тоа би значило намалување некаде околу 2,5 денари по литар. Бидејќи Регулаторна ја одредува највисоката цена, очекувам откако ова ќе биде објавено, во текот на денот за отприлика 2,5 денари по литар да бидат намалени нафтата и нафтените деривати, изјави Мицкоски.

Според него, тоа би значело дека литар дизел кај нас ќе биде 1 евро и 35 евроценти и оти и понатаму македонските граѓани ќе користат најевтини нафта и нафтени деривати.

„Во соседство, во Србија е над евро и осумдесет евроценти, во Албанија евро и осумдесет евроценти, во Косово е над евро и педесет, евро и шеесет евроценти. Во Европа е некаде и над две евра некаде во земјите од Европска унија е 2,2 евра дизелот“, рече Мицкоски.

Доколку продолжи растот на цената на нафтата на светските берзи, Владата ќе преземе мерки со намалување на данокот на додадена вредност, најпрво од 18 на 10 отсто, па од од 10 на 5 проценти, во зависност од движењето на цената, појаснувајќи дека за намалување на акцизите има закон.

„Ќе тргнеме со намалувањето на зафаќањето кое што и така е најмало, споредено не само со државите во регионот, туку и во Европа. Не акцизите. За акцизите има закон, кој вели дека цената на нафтата на светските берзи треба да биде над 800 долари по тон, значи меѓу 800 и 1.000 долари по тон, за 1 денар акциза, 1.000 до 1.200 два денари, па 4 денари итн. Сега не е на тоа ниво, сега е некаде околу 600, 650“, истакна Мицкоски.