Мицкоски нема право да ги прекине преговорите со ЕУ, вели Филипче

Претседателот на СДСМ изнесе документ со кој тврди дека Светска банка давала поповелн кредит за општините отколку заемот на Унгарија


 

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз Венко Филипче смета дека Владата и ВМРО-ДПМНЕ немаат право да ја блокираат иднината на државата. Условите што треба да се исполнат за членството во ЕУ се јасни, прецизни и во ниту еден момент не ги загрозуваат националните интереси и идентитетот на државата, рече Филипче вечерва во емисијата „Само интервју“ на Канал 5.

„ВМРО ДПМНЕ дојде на власт со една би рекол величенствена претстава, една голема лага со која што ветуваше дека ќе ги подобри условите со кои што ние ќе преговараме со ЕУ, дека ќе го подобри францускиот предлог, и сега според кажувањето на Мицкоски, излегува дека ова било диктат и дека нема понатаму. Ние не гледаме ниту една иницијатива да се подобрат тие услови за преговарање. Што направи премиерот освен што ги влоши билатералните односи со Грција и со Бугарија после изјавите на вицепремиерот Николоски, поради што сега бугарското Собрание усвои декларација во која што кажува дека која било влада натаму нема да има право да ги смени условите за преговарање“, рече Филипче

Според него, „секоја влада треба да носи тешки одлуки во име на иднината на државата, дури и по цена на сопствениот рејтинг. Сѐ друго што го кажува ВМРО-ДПМНЕ и премиерот е изговор, нема никаков ризик ниту по државноста, ниту по идентитетот, културата, јазикот. Сето тоа е гарантирано и со Договорот од Преспа и со Договорот за добрососедство со Бугарија. Тие се влезени во Преговарачката рамка така што сите тие работи, заедно со Европската унија, која е гарант кога ќе почнат преговорите дека други нерационални барања не може да има од Бугарија, е нешто што ВМРО-ДПМНЕ треба да го сфати и да не ја блокира земјата затоа што тоа право го немаат“.

Тој презентираше документ дека претходната влада преговарала за заем од Светска банка по многу поповолни услови за разлика од каматната стапка на кредитот што Владата на премиерот Христијан Мицкоски го договори со Унгарија и премиерот Виктор Орбан. 

„Во стратешката рамката за партнерство на Светска банка со Република Северна Македонија 2024-2028 година меѓу другото стои и ставка за локални патишта и за локални општински работи за кои се одвојуваат 75 милиони долари. Зошто некој би преговарал како опозицијата, под целосно нетранспарентни услови, кога истите тие пари како континуитет на систем на заеми и работа со општините практично ги има државата преку Светска банка“, праша Филипче и додаде дека времето ќе покаже кои се бенефитите за Мицкоски и за Орбан од овој кредит.

Филипче потенцираше дека заемот со Светска банка кој бил веќе планиран е со многу пониска каматна стапка од кредитот од Унгарија – односно од 1,2  отсто во еден дел и од 3,5 отсто во друг дел што е многу поповолна ситуација наспроти 3,2 отсто што Северна Македонија и идните генерации ќе треба да ги плаќаат како камата на кредитот договорен со Орбан. 

Во однос на Предлог-законот за бранители којшто е поднесен од пратеничката Славјанка Петровска, Филипче рече дека се работи за закон кој нема етничка димензија и дека зад него стои пратеничката група на СДСМ. 

„Меѓу нив има и Македонци, и Албанци, и Турци.. Еден дел се обештетени и со претходниот закон којшто е донесен, меѓутоа ниту законот којшто го имаше предложено ВМРО-ДПМНЕ минатата година преку група пратеници не бил вака сеопфатен како што сега ние предлагаме, односно не ги опфаќал сите припадници на Армијата и на полицијата и членовите на нивните семејства“, рече Филипче.