Мицкоски нема амбиции да биде претседател на државата


 

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва изјави дека мандатот што ќе го добие на 6 декември на когресот ќе биде последен со кој ќе ја води неговата партија, согласно Статутот, и дека нема намера да ги крши одредбите од него.

Во интервју за „360 степени“ на МРТ, тој уште рече дека нема амбиции да се кандидира за претседател на државата во 2029 година. Мицкоски мисли дека нема да има фрикциии ако тој биде и понатаму премиер по 2028 (кога треба да се одржат редовните парламентарни избори), а да не биде на чело на ВМРО-ДПМНЕ по 2029.

„Имам два сина, мене ВМРО-ДПМНЕ буквално ми е како трето дете. Но, ова е мојот последен мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, доколку ја добијам поддршката од делегатите. И додека јас сум претседател, за тој услов за максимум број мандати што еден претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги има, немам намера да поддржам каква било иницијатива за промена на тој дел од Статутот“, рече Мицкоски.

На прашањето дали може да се очекува дека тој можеби ќе се кандидира за претседател на државата во 2029 Мицкоски одговори:

„Што се однесува до моја кандидатура евентуално за претседател на државата, тие што ме знаат и го знаат мојот карактер, знаат дека јас немам таква амбиција и мислам дека и тоа сценарио го исклучувам од мојот политички ангажман во иднина“.