Мицкоски негира дека се местат тендери, ќе докажува преку судски процеси


Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во интервју за „360 степени“ на МРТ ги коментираше  последните обвинувања на СДСМ за местени тендери за што рече дека истите се клевети за кои како многупати во минатото СДСМ ќе треба да се извинува и дополнително да губи супстанца од својот кредибилитет.

„Доколку постои било какво сомневање за сторен криминал, СДСМ може веднаш до нивните инсталации во Обвинителството да достави докази и нивните инсталации во Обвинителството коишто сè уште функционираат слободно можат да поведат истрага и сè што е потребно, ние како Влада им стоиме на располагање. Во меѓувреме на нивната прес-конференција тие изнесоа неколку груби клевети. Не нарекоа криминалци, треба да го докажат сега тоа, а ако не го докажат ќе треба да се извинат и дополнително да изгубат супстанца од својот кредибилитет. И второ, наклеветија личност дека управител на таа фирма бил негов близок роднина, братучед , што е апсолутна невистина. Димче Арсовски се обрати преку социјалните медиуми и ќе треба сега да докажат тоа што го тврдат претпоставувам, преку судски процес“, потенцираше Мицкоски.

Тој исто така додаде дека СДСМ и него лично во минатото многу пати го клеветеше и за тие клевети има и судски пресуди  коишто се констатирани како такви, но до ден-денес СДСМ не се извинија.

„ Претпоставувам дека во овие судски процеси ќе дојдеме до судска одлука и ќе треба повторно или ние да се засрамиме, ако навистина сме криминалци и според нивните тврдења сме местеле тендери и тогаш треба, логично е да си поднесеме одговорност и тука нема дилема или, во вториот случај, тие да се извинат“, додаде Мицкоски.

Тој потенцираше дека не се интересира за јавните набавки од аспект како што тоа се правело во минатото кога браќа на премиери беа бизнисмени и кога сопруги добиваа со владини одлуки земјишта за изградба на фотоволтаици, но по обвинувањата изнесени на прес-конференција се распрашал и добил уверување дека се е според закон и според тендерската документација.

„Нормално дека по прес-конференцијата на СДСМ се заинтересирав, се распрашав и апсолутно добив уверување дека е сè според закон и според тендерска документација и дека тој рамковен договор за којшто вие велите е од нула до таа максимална сума којашто вие сега ја споменувате. Значи, може да биде и нула денари, а може да биде и сумата којашто вие ја споменувате. Така што апсолутно јас не гледам никаква незаконитост во рамките на таа набавка. Имало многу случаи кога дури и компании без вработени добивале тендерски постапки  доколку тие биле по закон, тука ние ништо не можеме да сториме. Но, бидејќи вие рековте да ја запалиме црвената ламба, јас го повикувам Обвинителството уште денес да дојде и да отвори процес и да го истражи случајот. Доколку има какво било незаконито однесување веднаш да покрене постапка“, нагласи Мицкоски.

Зборувајќи за престојниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски рече дека очекува да бидат донесени неколку стратешки документи, но  дека нема намера да иницира промени со кои би добил и четврти мандат како лидер. Според статутот на партијата, едно лице не може да биде бирано за лидер на партијата повеќе од три пати. Доколку в сабота Мицковски биде реизбран, што е сосема извесно, со оглед на тоа што нема противкандидат, тоа ќе значи дека неговата лидерска функција на чело на ВМРО-ДПМНЕ би завршила во 2029 година.

„ ВМРО-ДПМНЕ за мене е повеќе од партија, таа ми е како трето дена, имам два сина, но и партијата ми е како мое дете. Ако бидам избран, ова е мојот последен мандат, и додека јас сум претседател, тој услов и тој член нема да се менува. Дури и некој друг да предложи, јас таква промена на статутот нема да поддржам. Преку личен пример мора да покажеме дека се има почеток и крај, дека честа, достоинството и образот се најважни и немам намера да го моделирам статутот на партијата за такви цели“, рече Мицкоски.

Тој  истакна дека  официјално ја презел партијата во една тешка и сложена состојба, но дека успеал да ја консолидира и да издвојува убедлива победа на парламентарните, претседателските и локалните избори. државата.

„Сè уште не сум размислувал за какви промени ќе има по конгресот. Фокусирани сме на конгресот и на тоа што таму ќе го донесеме одлуки и за функционирање на партијата. Но, дека после конгресот ќе има промени во рамки на партијата, да ќе има“, дециден е тој.

Во однос на имињата кои се спомнуваат за генерален секретар на партијата, Ѓорѓија Сајкоски, Ивица Томовски и Драган Ковачки, Мицкоски кажа дека не би коментирал, но сите имиња кои се спомнуваат се личности коишто оставиле белег во рамките на партијата.

За тоа дали се планира промени на потпретседателските места, Мицкоски потенцираше дека сè уште нема одлука со кои предлози ќе излезе пред Централниот комитет, мора прво да заврши конгресот, па потоа да донесе одлука.