Мицкоски негира дека имало политика во давањето на парите на општините

Премиерот им остави можност на Струмица и Сарај да конкурираат повторно до 15 ноември, додека Градот Скопје таква шанса изгледа ќе нема


 

Премиерот Христијан Мицкоски  негираше денес дека имало политика во одобрувањето на проектите на општините што ќе ги финансира Владата со унгарскиот заем, тврдејќи дека проекти добиле не само општините раководени од партиите во владеечката коалиција туку и општини раководени од СДСМ, ДУИ и независни градоначалници.

Тој порача дека се доделени пари за над 200 проекти на речиси сите општини и дека на Владата ѝ е важен и „се бори за секој милиметар квадратен од државата“. Поконкретно, тој посочи дека општина Струмица не добила пари бидејќи конкурирала со веќе почнат проект за кој веќе имало избран изведувач, повикувајќи ги да конкурираат повторно со друг проект до 15 ноември, бидејќи Владата решила да го продолжи рокот и да даде нова шанса, поради краткиот временски период што беше даден за да се подготват за овој повик.

За општина Теарце тој рече дека биле одбиени бидејќи конкурирале на нерегуларен начин, од приватна мејл адреса, додека општина Сарај конкурирала со два проекта (инфраструктура и водовод), но испратила некомплетна документација, порачувајќи им и тие да го искористат продолжувањето на рокот до 15 ноември и да ја комплетираат.

Затоа пак, таква можност не му остави  на Градот Скопје кој конкурираше со 20 проекти, за кои Мицкоски потценувачки оцени – дека биле некомплетни и дека барале пари за купување автобуси, додека во исто време имаат префрлени сретства од владата за изградба на булевар кои им стојат неискористени две години. 

Тој сумираше дека со овој повик ќе бидат доделени ветените 6 милијарди денари, а следната година ќе се подигне границата и ќе се доделат 15 милијарди.