Мицкоски не знае каде е Артан Груби – во Косово или во Албанија
Не сакам да шпекулирам каде е Артан Груби, одговори премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање дали има информации каде е избеган поранешниот вицепремиер.
-Различни се информациите, не би шпекулирал дали е во Албаннија или во Косово. Факт е дека не бил чист како солза. Ако е така, би застанал пред органите на правдата, рече Мицкоски.
Претходно првиот заменик-премиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, изјави дека според сознанијата тој не е на Косово, туку е во Албанија.
Мицкоски во изјавата исто така порача дека ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија, но и самата влада прават се што можат да испорачаат резултати. Се останато, потенцираше, е само гола и празна политика, која не носи додадена вредност.
-ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија и коалицијата но и самата влада која што ја предводам, прави се што може во овој момент да испорача резултати, да покажеме дека не сме исти како другите. Јавноста е објективна и таа преку ваков тип на јавно мерење кажува реално какви се состојбите во државата. Задоволен сум, но секогаш може подобро. Ќе работиме жестоко, немаме друг избор, рече Мицкоски.
Тој појасни дека првичната цел беше да го сопрат слободниот пад и да ја консолидираат состојбата во државата. Како што рече, очекува на пролет да дојдеме до точка нула и да почне да се развива државата.
-Првична наша главна цел беше да го сопреме слободниот пад, по што успеавме. Ја консолидиравме состојбата. Уште не сме дојдени до точка нула, очекувам на пролет, месец март или април, да дојдеме до точка нула и потоа да почнеме да ја развиваме државата онака како што имаме намера. Жестоко ќе работиме како влада, напорно и чесно, за да покажеме дека може да биде поинаку, додаде Мицкоски.