Мицкоски не се сеќава на скандалите, СДСМ му порача дека е „комедијант“


 

„Задоволен сум од работата на Владата во изминатите 100 дена без афери и скандали“ ја прогласуваме за досега најкомична изјава на премиерот Христијан Мицкоски, порачаа денес од СДСМ по иззјавата на премиерот Христијан Мицкоски околу стоте дена Влада.

„Очигледно решил да се мајтапи со граѓаните или мисли дека никој не памти што се случуваше. Оваа влада е влада која има продуцирано најмногу скандали за првите 100 дена од било која влада во историјата. Бидејќи не го држи помнењето еве да го потсетиме само неколку клучни скандали.

Скандалот на скопскиот аеродром каде пиштолџијата на неговиот коалициски партнер Гаши се закануваше со пиштол, а Мицкоски се правеше ‘на Тошо’. Скандал со организрано пуштање на слобода на Блерим Рамадани од МВР и Наим Рамука, за кој повторно тој ништо не знаеше.

Скандал е Силјановска да оди да се слика без знаме, а потоа сите други да бидат виновни освен таа и нејзиониот протокол. Скандал е и да се лаже дека се донела нова инвестиција, а таа да била целосно на СДСМ, па Мицкоски се пофали со неколку такви. Ова не само што е скандал туку потврдува колку Мицкоски е малодушен и не сака да признае ничив успех. Скандал е и да нема пари за повисоки плати за граѓаните, ама да има за бизнис карти од 20.000 кои се криеја од јавноста.

Дали Мицкоски исто не го виде скандалот со неговиот генерален секретар кој случјано на поклон доби 325.000 евра имот, или министерката Божиновска чија фирма должела 1 милион евра на МЕПСО?

Дали случајно не знае дека неговиот телхранител кој тепаше полицајци на службена должност не само што е ослободен, туку ќе биде и командант на ‘Тигрите’? Скандал е да се поставуваат лица со криминално минато на директорски позиции, скандал е да се поставуваат луѓе без лиценци за ревизори, скандал е да се поставуваат три директори во Царина за подобро да се краде на границите. Скандал е и професор по физичко да биде заменик-министер во МВР, ама па за Мицкоски тоа е нормално ако може бивш затвореник да биде директор на затвор. И тоа за него не е скандал.

Скандал е да нема одговорност за десетици нерасчистени убиства, скандал е да нема одговорност за 10% изгорена територија на државата, додека тој убедуваше дека ќе се среди се два до три дена.

Скандал до скандал е Владата на Мицкоски, па можеби затоа не може да се сети, бидејќи скандалите за нив се секојдневие. Оваа коминчна интерпретација на Мицкоски повеќе делува несериозно или покажува дека тој не живее во реалноста“, порачаа од СДСМ.

Премиерот претходно, дговарајќи на новинарско прашање дали е задоволен од првите 100 дена нова Влада истакна:

„Веќе нема скандали, нема братучеди, браќа, внуци и слично. Нема голобради момчиња коишто шетаат по институциите со торби и слично и се главни инвеститори во трговски-деловни единици во центрите на градовите ширум државата. Ако има такви ја повикувам јавноста слободно и луѓето коишто се жртви на такви измамници да пријават.  Така што мислам дека полека но сигурно сето она коешто беше проблем во општеството го нема, не велам дека е решено, не е возможно за 100 дена да се реши сѐ. Ние не сме магионичари нити магии ветувавме, нити чуда затоа што тој што ветува чуда и магии не ја говори вистината. Но, дали е подобро? Апсолутно е многу подобро. Дали може подобро и од ова? Секој ден може подобро. Ако ова прашање ми го поставите после две години за првите две години, ќе ви речам беше добро, но може подобро. Така што, целта е да секој ден биде подобар од претходниот. Дали ќе направиме некоја ненамерна грешка, и тоа ќе се случи. Затоа што човек што работи понекогаш и греши. Само што тој што ништо не работи, не може да погреши. Така што битно е да нема катастрофални грешки, да нема грешки коишто ќе имаат импликации подолгорочни“.