Мицкоски не сака тајна средба со Ковачевски

„Не сум имал тајна средба. Не се дел од мојот карактер тајните средби. Доколку сака господинот Ковачевски да разговараме за техничката влада или за некои други политички процеси коишто следат, стојам на располагање, треба само терминот да го усогласиме“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски .Тој додаде дека не гледа зошто таквата средба би се одржала далеку од очите на јавноста и дека на народот му е преку глава од таквите тајни средби.
„Знаете дека јас одамна барам таква средба. Најпрвин бев одбиван, па се правеа политички гимнастики на политичката сцена за да конечно на крај се случат тие средби, тие состаноци лидерски, да се дефинираат изборите и слично. Не гледам зашто тоа би било далеку од јавноста и ценам дека јавноста треба да биде запознаена. Мислам дека на народот му е преку глава од такви тајни средби, преговори и договарања“, потенцираше Мицкоски.
Запрашан за пополнувањето на празното место на ДИК, Мицкоски истакна дека очекува таа точка што побрзо да се стави на дневен ред во Парламентот и да се избере претставник кој е номиниран од албанската опозиција.
„Во неколку наврати пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараат да се стави точката на дневен ред во минатото, но за жал мнозинството одбиваше. Се надевам дека ќе се вразуми и нема да остави дамка на процесот кој што следи, бидејќи е многу значаен овој процес и овие избори. Така што ценам дека во периодов што следи треба час поскоро да биде таа точка дел од дневниот ред, да се избере претставник во ДИК кој што е номиниран од страна на албанската опозиција. Јасно се знае која е таа условно кажана опозиција во Македонија и кои се тие опозициски партии во Парламентот итн. Тие треба да си дадат свој човек и да кажат позади кој човек од тие кои што се кандидати стојат и да го изгласаме, да се комплетира ДИК, да има 7 члена и да се носат одлуки. Тоа не е волја на Христијан или на некој друг, туку тоа е едноставно законска обврска“, нагласи Мицкоски.
Запрашан дали ќе гласа ВМРО-ДПМНЕ за поддршка за техничката Влада односно изборот на Талат Џафери како технички премиер, Мицкоски вели дека Џафери не ја заслужува поддршката од ВМРО-ДПМНЕ , со што навести дека тие нема да гласаат за изборот на техничкиот премиер.
„Се уште не сме донеле став на партиските органи, мислам дека не ја заслужува Талат Џафери поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за технички премиер, не ја заслужува поддршката за ништо Талат Џафери од ВМРО-ДПМНЕ. Најмногу што можеме во интерес на добрата атмосфера и демократскиот процес да се воздржиме од било какво гласање, но тоа повторно ќе кажам е мој став ќе видиме што ќе одлучат партиските органи“, вели Христијан Мицкоски.