Мицкоски не исклучува раст на цената на дериватите, ако дојде до тоа ќе се намалат акцизите


Фото: Б. Грданоски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека една недела по избивањето на воениок конфликт на Блсикиот исток, безбедносната ситуација во земјава е стабилна, но не исклучи на економски план да се почуватвуваат последиците, пред се преку зголемување на цената на нафтените дериват. Доколку дојде до тоа, тој најави одредени мерки за да се заштити стандардот на граѓаните.

„Што се однесува до безбедносната состојба во државата, таа е стабилна, мирна. До овој момент не постои ризик во однос на безбедносната состојба во државата. Ние имавме Совет за безбедност што го организираше претседателката, направивме анализа врз основа на информациите кои што ги добивме и од службите, но и од соодветните министерства. Тука пред сѐ мислам на министерствата за одбрана и за внатрешни работи. Врз основа на тие податоци, во овој момент можам да кажам и да ги информирам граѓаните дека состојбата безбедносно е стабилна“, изјави премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по неговата посета на штипската фабрика „Актива“.

Во однос на економските ефекти на кризата на Блискиот исток, тој не исклучи одредени притисоци.

„Можеби со тек на време ќе имаме одредени економски предизвици, тука пред сѐ мислам на притисок врз цената на енергенсите, на нафтата и на гасот. Повеќе на нафтата бидејќи ние немаме премногу голема зависност во делот на гасот. Полека завршува и грејната сезона, така  што од тој аспект, а и македонската индустрија нема голема развиена мрежа во делот на гасот, можеби во делот на нафтената индустрија ќе имаме одредени притисоци. Ќе треба да се зголемува цената, но и тука разгледуваме со Министерството за финансии да намалиме во делот на акцизата, да намалиме во делот на даноците, да видиме кои се нашите можности за да го намалиме ударот врз стандардот на граѓаните“, рече Мицкоски.

Запрашан што се презема за нашите граѓани кои што се во земјите зафатени со воените дејства, премиерот рече дека Министерството за надворешни работи организира превоз за македонските граѓани кои што сакаат да се вратат.

„Веќе сме во завршна фаза и мислам дека од денеска ќе почне евакуацијата. Така што апсолутно сме во насока на обезбедување на сѐ она кое што е потребно за нормално функционирање како на институциите, така и безбедно враќање на нашите граѓани кои што сакаат да си дојдат дома“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека Владата има обезбедено превоз за македонските граѓани од Бахреин, од Катар и од Обединетите Арапски Емирати и државата сето тоа ќе го плати.

„Дел од оние кои што се во Израел и околните земји исто така ќе се евакуираат, така што секој оној кој што се наоѓа таму, во регионот каде што има воени дејства, нека ги следи соопштенијата од МНР и НТ“, рече Мицкоски.