Мицкоски не го дава Лимани, помил му е од Касами


Христијан Мицкоски и Билал Касами

Премиерот Христијан Мицкоски го потсети владиниот партнер од Вреди, Билал Касами, дека само тој како премиер е надлежен за кадровските решенија во Владата.

Потсетувањето од премиерот следи откако  Касами изјави дека се подготвува можна смена на министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, бидејќи не е задоволен од неговата работа во извршната власт. Судирот меѓу Касами и Лимани кулминира по локалните избори откако министерот кој беше кандидат за градоначалник на Кичево ги изгуби изборите.

-Не, јас немам ваква информација. Јас сум задоволен со работењето на господинот Фатмир Лимани и мислам дека е додадена вредност во Министерството за социјална политика, демографија и млади. Јас сум мандатар на Владата и јас ја составувам Владата, ако некој тоа го заборавил, да го потсетам, одговори Мицкоски.

 За тоа дека Касами се заигра во улогата на премиер навестувајќи смена и на министерот за правда Игор Филков, Мицкоски одговори:„Не знам, тоа можете да го прашате господинот Касами“.

Денес пак и Филков му реплицираше на Касами дека ќе кажува кој ќе биде министер или не тогаш кога тој ќе стане премиер. Дотогаш и за него важат законите.