Мицкоски најавува второ покачување на цената на струјата годинава


Фото: Б. Грданоски

Премиерот уверува дека Владата подготвува модел за зголемување на домашното производство, со јаглен од Косово и рестартирање на блокот 3 во РЕК Битола. Целта е поскапувањето на електричната енергија да биде ограничено, во услови кога цените на европските пазари растат и до трипати.

Струјата би можела да поскапи, но Владата очекува зголемувањето да биде ограничено и да не надмине 5 проценти. Премиерот Христијан Мицкоски на брифинг со новинарите посочи дека се подготвува енергетски модел со кој треба да се зголеми домашното производство и да се ублажи притисокот од растот на цените на европските пазари.

Мицкоски рече дека целта е да се избегне поголем ценовен удар врз граѓаните, иако Европа се соочува со сериозен енергетски притисок поради ниските резерви на гас, послабата хидроенергетска продукција и зголемената побарувачка за електрична енергија, меѓу другото и поради развојот на центрите за податоци и вештачката интелигенција.

Според неговите процени, цената на електричната енергија во Европа во наредните месеци би можела да достигне од 350 до 400 евра за мегават-час. Тој посочи и дека цената на гасот, која претходно се движела од 28 до 30 евра за мегават-час, сега достигнува околу 86 евра, а во одредени периоди надминува и 100 евра.

– Во овој момент цените на електричната енергија и на гасот во Европа се зголемуваат и до трипати – рече Мицкоски, оценувајќи дека енергетската состојба претставува директен ризик за инфлацијата.

Во однос на хидроенергетските капацитети, Мицкоски посочи дека хидрометеоролошките прогнози за зимата укажуваат на температури и врнежи малку над просекот. Тоа, според него, би можело позитивно да влијае врз акумулациите и производството на хидроелектраните, особено пред почетокот на сезоната за наводнување напролет.

Тој нагласи дека целта на Владата е преку зголемено домашно производство и пониски производни трошоци да се избегнат посериозни ценовни шокови кај електричната енергија.
Мицкоски ја поврза енергетската состојба и со движењето на инфлацијата. Според податоците што ги презентираше, инфлацијата во октомври во земјава изнесувала 3,3 проценти, наспроти 4 проценти во Европа, додека во третиот квартал просекот бил 2,5 проценти кај нас и 3,5 проценти во Европа.

– Правиме сè што можеме за да ја одржиме стабилноста – порача премиерот додавајќи дека Владата смета оти во моментов состојбата е под контрола.

Тој посочи и дека цената на нафтените деривати во земјава е околу 1,5 евра за литар, додека во други земји надминува 2 евра. Најавениот модел треба да овозможи поголемо производство на електрична енергија и да го намали влијанието на поскапувањата на европските пазари врз домашните цени. Неговата реализација ќе зависи од навременото обезбедување на јагленот, транспортната логистика и враќањето на планираните производни капацитети во функција.

Последното поскапување на електричната енергија за домаќинствата во Македонија стапи во сила на 1 јануари 2026 година, кога Регулаторната комисија за енергетика одлучи цената да се зголеми за 2,28 отсто во просек за околу 85 проценти од домаќинствата. Зголемувањето беше различно по потрошувачки блокови: во првиот блок изнесуваше 2,45 проценти, во вториот 2,87 проценти, во третиот 3,32 проценти, а во четвртиот 3,84 проценти. Евтината дневна тарифа поскапи за 2,5 проценти. Според тогашната процена на РКЕ, за најголемиот дел од домаќинствата тоа значеше повисоки месечни сметки за околу 57 до 70 денари.