Собранието го усвои амандманот за бришење на членот 13, измените на Законот за јавни набавки усогласени со укажувањата на Сиљановска-Давкова


Собранието попладнево, во рамки на 129. седница, го усвои амандманот за бришење на членот 13 од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавни набавки.

Амандманот беше поднесен од пратениците  Бојан Стојаноки, Дафина Стојаноска и Бране Петрушевски. Со неговото усвојување, како што истакна Стојаноски, измените на Законот се усогласуваат со укажувањата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. 

– Со бришењето на овој член комплетно ги прифаќаме указите од претседателката и сметаме дека овој закон може непречено да биде усвоен, да го олесниме системот и да го направиме попрактичен, позаконски, потранспарентен и поцелоисходен за целата државна управа, рече Стојаноски.

Додаде и дека законските измени се дел од Реформската агенда, а целта им е унапредување на системот преку воведување дигитални алатки и вештачка интелигенција.

– Со тоа ќе се подобри процесот на јавни набавки, ќе се намалат ризиците од корупција и злоупотреби и ќе се поттикне реализацијата на инфраструктурните и другите проекти. Се дополнуваат надлежностите на Бирото за јавни набавки во делот на дигитални алатки и вештачка интелигенција како инструменти за подобрување на процесот на јавни набавки и намалување на ризиците од корупција и други злоупотреби. Зошто се носи овој закон? За да се поттикне реализацијата на проектите и оваа држава да оди напред, потенцира пратеникот.

Тој изнесе и статистики за реализацијата во градежништвото.

– Тука можете да видите споредба помеѓу 29 квартали на СДС и 8 на ВМРО-ДПМНЕ. Еве ја разликата и еве зошто овој закон се менува. Кога ќе ги соберете сите 29 квартали на СДС, 14 се негативни, а 15 се позитивни, а кај ВМРО-ДПМНЕ сите осум квартали се позитивни. Плус има 14,1 просечен квартален реален раст на градежништво, а СДС во 29 квартали минус 0,2, посочи Стојаноски.

За збор се јави и Фатмир Битиќи од СДСМ, кој рече дека претходно, во текот на комисиската расправа, опозицијата веќе поднела ваков и уште неколку други амандмани.

– Сето ова ќе беше како што вели Стојаноски, ако нема друга виситна. На комисиската расправа дадовме ист амандман како овој што вие сега го предлагате, баравме да не се смени членот 13, да останат претходните одредби за кои претседателката не ви го потпиша указот. Ова е можеби прв пат Законот за јавни набавки да се носи во собраниска процедура без јавна расправа. Подостоинствено ќе беше да го повлечете законот, да поднесете нови измени и да има јавна расправа наместо да велите дека еве, сте ја послушале претседателката зашто таа кажала дека ова е противуставно, рече Битиќи.

По негово барање, претседателот на Собранието Африм Гаши даде еден час пауза, по што се очекува седницата да продолжи.

Сиљановска-Давкова на 4 ноември испрати допис до Собранието, во кој информира дека, по внимателна анализа и консултации со експерти, во согласност со член 75 став 3 од Уставот, одлучила да не го потпише указот за прогласување на законските измени, усвоени на собраниската седница на 26 октомври 2026 година.

На Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки се поднесени вкупно 2.158 амандмани.

Како што најави денеска претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оваа партија ќе се обиде да го блокира донесувањето на законските измени со речиси 2.000 амандмани.