ЕЦБ: Дигиталното евро би можело да биде воведено по усвојувањето на законската рамка


Европската централна банка (ЕЦБ) ги забрзува подготовките за воведување на дигиталното евро, а пилот-проектот за тестирање на неговата техничка функционалност, оперативни процеси и корисничко искуство би требало да почне во втората половина на 2027 година, изјави денеска членот на Извршниот одбор на ЕЦБ Пјеро Чиполоне.

Обраќајќи му се на Одборот за економски и монетарни политики на Европскиот парламент, Чиполоне истакна дека брзото завршување на преговорите меѓу Европскиот парламент, Советот на ЕУ и Европската комисија би овозможило усвојување законодавен пакет за единствената валута до крајот на оваа година, соопшти ЕЦБ.

Според него, усвојувањето на правната рамка е неопходно за да може ЕЦБ да ги заврши подготовките за дигиталното евро и да му обезбеди извесност на пазарот во поглед на можниот датум на неговото прво издавање. Чиполоне предупреди дека одложувањето на усвојувањето на прописите би можело да го помести воведувањето на дигиталното евро и дополнително да ја зацврсти зависноста на Европа од странски даватели на платежни услуги.

Пилот-проектот ќе користи пробна верзија на дигиталното евро која нема да има статус на законско средство за плаќање, а во него ќе учествуваат вработени во Евросистемот, избрани даватели на платежни услуги и трговци кои ќе овозможат тестирање на секојдневните плаќања вклучувајќи купување во продавниците и мензите на ЕЦБ и националните централни банки.

ЕЦБ за учество во пилот-проектот веќе избра 36 даватели на платежни услуги, меѓу кои се банки и небанкарски компании, од повеќе од 50 пријавени кандидати. Изборот на интернет и мобилни трговци, кои ќе ги тестираат плаќањата на далечина, ќе биде објавен на почетокот на следната година.

Чиполоне наведе дека ЕЦБ планира сите релевантни функционалности на дигиталното евро да бидат технички достапни од неговото прво издавање, но дека постепеното воведување во продавниците би им овозможило на учесниците на пазарот доволно време за приспособување.