Мицкоски најави дека ќе го саботираат Џафери во техничката влада


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за ТВ 24 навести дека министрите од ВМРО-ДПМНЕ што ќе влезат во техничката влада нема да му реферираат на Талат Џафери како технички премиер, поточно нема ни да присуствуваат на состаноците кога ќе заседава туку ќе ги праќаат заменик министрите. Практично откако најавија од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да гласаат за избор на владата во којашто ќе учествуваат, сега најавуваат дека и ќе ја саботираат нејзината работа, освен ако нема некоја ургентна потреба од хиерархиска соработка.Мицкоски исто така најави дека како партија ќе направат се ДУИ да остане во опозиција, освен ако бројките на освоени пратеници не го дозволат тоа, но беше уверен дека ДУИ непријатно ќе се изненади од резултатите на изборите. 

-Се додека математиката дозволува ние да имаме можност за формирање влада со опозицијата условно, консолидирана во албанскиот блок, таа можност стои како отворена. Е, сега ако резултатот е 22 наспроти 5, или ако е резултатот 20 наспроти 6-7, јасен е параметарот по кој што ние треба да се движиме, но тоа нема да се случи. Еве јас ви гарантирам, запамтете ми го ова што го зборувам дека разликата помеѓу консолидираниот опозициски албански блок условно кажано и ДУИ која што ќе биде во коалиција со ДПА, тоа што осана од нејзе и тоа што остана од Алијанса за Албанците нема да биде така како што тие мислат. Разликата ќе биде многу мала, а може и да претрпат пораз“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото гостување во  емисијата ,,24 Анализа” на ТВ 24.

Тој додаде дека после 20 години ДУИ треба да оди во опозиција и да помине еден процес на катарза, па повторно да се појави на политичката сцена со некоја друга програма.

„Цениме дека после 20 години Демократската унија за интеграција треба да замине во опозиција и треба да помине еден период на внатрешна катарза и после 4 години да се обиде повторно да се појави на македонската политичка сцена со некоја друга програма. Видете го дијапазонот од ултразелени до ултранационални политики и на моменти насилнички”, потенцираше Мицкоски.

За тоа дека ДУИ според анкетите е неприкосновен победник во албанскиот блок Мицкоски истакна дека тоа не е точно бидејќи во јавноста се гледа само излезот на анкетите.

„Јас тука не можам да се сложам  со тие што ги анализираат анкетите затоа што за секоја анкета  се објавува излезот на анкетата, односно тоа е прашањето кое што вели за кого ќе гласате доколку утре се случат парламентарни избори, но никој не го гледа влезното прашање, а тоа  е за кого гласавте на претходните парламентарни избори, бидејќи секоја равенка има и влез и излез. Ние секогаш го гледаме во јавноста излезот, но социолошки треба да го видиме влезот. Јас се ценам како човек кој видел стотици и стотици анкети, анализирал во детали, кростабулации по возраст, по пол, по образование, по работа или не работа, по региони. Јас мислам дека ДУИ во услови на обединета албанска опозиција ќе биде многу многу непријатно изненадена од резултатот”, потенцираше Мицкоски.