Мицкоски на Калас ѝ ги претставил позициите на владата
Каја Калас е благодарна за македонската поддршка на Украина и усогласувањето со санкциите
Премиерот Христијан Мицкоски објави дека во Брисел имал средба со новата висока претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас. Средбата се одржа пред најавениот самит ЕУ-Западен Балкан.
„На средбата разговаравме од потребата ЕУ да го забрза процесот за интеграции и да направи заложба низ добра волја и заедничко разбирање да се одблокира нашиот пат кон ЕУ. Ги објаснив нашите позиции и нашите цели. Македонија заслужува да оди напред во интеграциите“, напиша Мицкоски на неговиот Фејсбук профил.
Подоцна Каја Калас на социјалната мрежа Икс напиша:
„Одлична прва средба со премиерот Мицкоски. Благодарна сум за вашата поддршка на Украина и целосно усогласување со нашите санкции.
Сакаме да видиме како Северна Македонија напредува во пристапот во ЕУ и да бидеме подготвени да ги поддржиме решенијата за деблокирање на преговорите“.
Таа напиша дека имала разговор со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на кој се дискутирало за проширувањето на ЕУ.
„Двајцата се согласивме дека процесот на пристапување има вистински трансформативен ефект на Западен Балкан. За ЕУ и за регионот тоа носи безбедност и економски раст“, напиша Калас.
Калас имала средба и со претседателката на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, на која се разговарало за она што е направено во прогресот кон ЕУ.