Мицкоски му дели лекции на Ахмети
Помири се, опозиција си, реформирај ја партијата и исчисти ги криминалците од своите редови, му порача денеска од Охрид премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Како што истакна Мицкоски, Ахмети треба да покаже визионерство преку проекти и идеи, како и да покаже дека ја почитува Македонија.
Мицкоски во обраќањето на 33. годишната конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ апелира и до останатите опозициски партии, да излезат од сегашната матрица, да ги надминатат суетите и потребата се да се критикува по секоја цена и наместо тоа, да излезат со нивни предлози за креирање уште подобри решенија.
-Реформирај ја партијата. Реформирано ДУИ е важно за татковината. Исчисти ги криминалците од твоите редови, ќе ти помогнеме и ние во тоа. Ова е наша заедничка татковина. Дали гледаш колку Албанци дневно се иселуваат? Куќите во твојот Зајас зеат празни, за 20 години повеќе од 100 000 Албанци се иселија од државата. Чија одговорност е тоа? Немам време за јавни надмудрувања, да си дофрлуваме и да подгреваме тензии. Знам дека ти одговара да влегуваш во конфликти со мене и со ВМРО-ДПМНЕ, но тоа е дневна, теснопартиска политика. Надмини го тоа, придонесете со предлози и проекти. Јас ви ветувам, ќе прифатиме се што ќе значи прогрес и развој на земјата. Не е добро секогаш кога сте опозиција да почнувате етнички теми, а кога сте на власт да станувате зелена партија, истакна Мицкоски.
Додаде и дека Албанците во земјава живеат лошо.
-Неспороно е дека дел од Албанците го почитуваат Ахмети, но зошто да не ја заслужи почитта и од Македонците? Покажа визионерство за некои работи, но треба да покаже визионерство и преку проекти, идеи и визии. Треба да покажеш дека ја почитуваш Македонија. Помири се, опозиција си, а дел од твоите најблиски соработници треба да се свесни за тоа што го правеа, а за тоа што го правеа има институт што се вика одговорност. Ти ветив и ти ветувам, ќе ти помогнеме да ја исчистите ДУИ од таквите криминални структури, потенцира Мицкоски.
Конференцијата е насловена „Иднина за сите, сега!“, а се одржува во СЦ „Билјанини извори“.