Мицкоски: Криминалот ќе стане неисплатлива професија


Премиерот Христијан Мицкоски денеска по посетата на Катастар, зборуваше за криминалот во земјава. Тој кажа дека битката против криминалот трае, и дека секој криминалец ќе биде изведен онаму каде што му е местото.

„Мора сериозно да се занимаваме со битката против кирминалот и да го направиме криминалот неисплатлива професија. Секој криминалец кој мисли дека може да профитира со криминал, многу брзо ќе се разочара, и ќе биде сместен каде што му е местото. Постојат политички глодари кои мислат дека на таков начин ќе спечалат поен на сметка на загубени животи, но жалам што тие не гледаат во минатото и што правеа тие додека беа во владата, и што ние денеска мораме да поразиме. Но, ќе се бориме и ќе победиме. Не се само тие, набљудуваме уште неколку групи, и низ Скопје и низ цела Македонија. Тука идентификувавме три групи, кои имаат логистика и во затворите, и се занимаваат со изнуда, тероризам, тежок облик на криминал, и очекувам многу скоро и за нив криминалот да биде неисплатлива професија“, рече Мицкоски.

Тој најави бројни истраги наесен, за коишто се комплетираат доказите. 

„Очекувам дека ќе имаме оваа есен прилично многу досиеја, со цврсти докази, неколку и од Агенцијата за катастар ќе произлезат, ќе биде интересно јавноста да ги слушне имињата кои што се инфилтрирани. Кога сето тоа ќе биде поткрепено со докази, на граѓаните ќе им биде јасно зошто се овие конструкции, зошто имаме се уште активни политички глодари коишто сакаат да креираат монструозни сценарија. Но, ние сме тука, ќе се бориме, мораме Македонија да ја исчистиме од криминал ако сакаме да одиме напред“, вели Мицкоски. 

Изјавата следи по информациите за повеќе бегства на осуденици од затворите, а двајца од бегалците се поврзуваат со неодамнешното сурово убиство кај трговскиот центар „Мавровка“, кога беше застрелан 59-годишен скопјанец, пред очите на неговата сопруга.