Мицкоски контра германската амбасадорка за буџетот за правосудството: Секој кој што кажува различно, манипулира или не ја говори вистината


Pо изјавите од германската амбасадорка во земјава, Петра Дрекслер која изрази загриженост за дебатата околу буџетот за правосудството и која нагласи дека според податоците на Европската комисија за ефикасноста на правосудството, Германија инвестира пет пати повеќе по глава на жител од Македонија, премиерот Христијан Мицкоски го повтори својот претходно искажан став, за кој што вели дека е Извештај од Советот на Европа.

-И ова го тврдам, кој сака нека зборува спротивно. Да се погледнеме во очи и да ги извадиме бројките. Ова е факт, јас не сум го направил тој Извештај, туку е финансиран од Советот на Европа и ги опфаќа земјите кои имаат свои членови во рамките на СЕ.Секој кој што кажува различно или манипулира или не ја говори вистината, без разлика каков статусен симбол има во општеството – дали е надворешен дипломат, дали е домашен експерт или политичар итн. Ова се бројки и факти, кажа Мицкоски од собраниската говорница, одговарајќи на седницата на пратенички прашања.

Мицкоски ја повтори неговата теза дека државата за правосудниот систем одвојува повеќе од 75 проценти од земјите-членки на ЕУ.

„Од таа анализа направена и финансирана од Советот на Европа за податоци од 2022, објавена 2024 година, дојдовме до заклучок дека ние како држава одвојуваме пари од буџетот за правосудниот систем повеќе од 75 проценти земји-членки на ЕУ. Во 2022 ние одвојуваме 0,39 проценти од нашиот БДП. Франција е 0,2, a Германија е 0,3 од нивниот БДП. Европскиот просек отприлика е 0,3“, кажа премиерот.

Неодамна во интервју за „360 степени“, германската амбасадорка рече дека мора убаво да се погледнат бројките. Таа кажа дека Германија уште во 2022 година инвестирала во правосудството пет пати повеќе по глава на жител од Македонија. За Мицкоски, пак, пари за зголемување на судскиот буџет нема. 

„Следната година ќе имаме 20,5 – 20,6 милијарди долари БДП, тоа значи дека отприлика 260-270 милиони долари ќе треба да се обезбедуваат пари за судовите и за обвинителствата, или 3-4 пати повеќе од сега. Кога на тоа ќе се додадат расходите коишто се за редовна исплата на пензии, кога на тоа ќе се додадат редовните плати на администрацијата, кога на тоа ќе се додадат сѐ поголемите потребни трошења во Армијата и МО и кога на тоа ќе се додадат капиталните инвестиции и долговите поголеми од 2,2 милијарди направени во минатото, тогаш буџетот ќе треба да биде отприлика 8-9 милијарди евра на расходната страна или пак буџетскиот дефицит на биде 8-10% од БДП. Нормално тоа е невозможно“, рече премиерот Мицкоски и додаде дека кога се зборува за реформи треба да се зборува за суштина, а не за пари.

„Жал ми е што дебатата се сведува за пари. Тоа се реформите. Автономен буџет и пари. Тоа е првата теза, па откако видоа дека јавноста лошо реагира, еден мал дел којшто ги контаминира сите, одлучија да ја свртат тезата, па велат немаме основни средства за работа, компјутери, дактилографи, асистенти и слично. Второто надградено барање е дека плановите за вработување и унапредување требало да ги одобрува Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, а Владата само да ја информираат. Што е во ред. Тие се судска власт, ние сме извршна, ова е законодавна, сосема различни и тоа не е никаков проблем. Еве не треба дури ни да не информираат. Ќе им дадеме автономен буџет самите да го управуваат“, кажа Мицкоски, но забележа дека истите тие кои ги бараат овие реформи го доведоа правосудството во ситуација граѓаните да немаат доверба.

Според Мицкоски, ако се прифатат овие покачувања, тогаш државата ќе биде апсолутен рекордер во светот, односно 2,5 пати повеќе ќе одвојуваме од државата која одвојува најмногу. 

Ова се бројки и факти, од кои 0,3% од БДП според тој извештај се одвојуваат за судовите. Албанија има 0,14%, Молдавија има 0,18 %, а ние „послабиве“ имаме 0,30%. Тоа е дупло повеќе. И тоа е повеќе и од просекот, кој 0,22% и од медијаната која е 0,19%. Кај Обвинителството треба да се поработи, ние сме 0,08%, а просекот е 0,09% од БДП. Ние прифаќаме да биде 0,1% да стои тоа во закон, минимум 0,1% од БДП. Ако се создадат услови, ако дозволува буџетското консолидирање кое ни го бараат меѓународните финансиски институции, ние немаме проблем повисоки плати да им дадеме. Еве малку се 3.000 евра, нека бидат 5.000“, рече Мицкоски.

Тој потсети дека во СЈО тие обвинители добиваа плата 10 пати поголема од просечната, пишуваа дневници па сумата стануваше 20-30 пати поголема плата од просечната и сето тоа заврши спакувано во чанта од Луј Витон.

„Овие што требаше да бидат грации, борци на правдата, живот што ќе носеа, сето тоа го спакуваа со неколку милиони евра во една чанта од брендот Луј Витон. Така што, не било до парите, до нешто друго било. Сакам јавно да кажам дека немаме проблем сѐ да прифатиме, пари немаме толку колку што бараат, бидејќи прво не заслужуваат малкумина, а второ тоа коешто ќе го обезбедиме ќе биде сосема доволно за да имаат пристојни плати и многу пати повеќе од просекот“, заклучи премиерот Мицкоски.