Мицкоски ќе се бори против лажните вести
Хибридните и информациските закани се најсериозниот предизвик за државата и токму тие мора да бидат главен приоритет во реформите, порача премиерот Христијан Мицкоски на конференција организирана од Институтот за комуникациски студии. Тој истакна дека „национален интерес е да изградиме држава која препознава и реагира брзо и професионално“.
– Војната денес се води со збор, со манипулација и со монтирана вистина,“ рече премиерот, нагласувајќи дека дезинформациските кампањи веќе немаат само медиумска, туку и јасна безбедносна димензија.
Според него, државата во последниот период направила одреден напредок, но системот сè уште се соочува со недостиг од ресурси, недоволно обуки и слаба институционална меморија. Мицкоски оцени дека „реалноста е дека мора да се гради одржлив систем, а не привремени одговори“.
Во дел од обраќањето тој истакна дека е минато времето кога со замена на еден директор исчезнувало целото знаење во институцијата.
– Ќе воведеме задолжителни процедури, методологии, бази на податоци и стандарди, за повеќе да нема празнини и зависност од поединци – додаде Мицкоски.
Претставувајќи ги следните чекори, премиерот најави континуирани обуки за сите институции – од МВР и МО, до јавната администрација и локалната самоуправа – како и специјализирани програми за дигитална безбедност и медиумска писменост. Тој потсети дека ниту една држава не може да се брани без обучени луѓе.
– Хибридните закани не се победуваат со молк, туку со заедничка акција – рече Мицкоски, најавувајќи отворање платформа за редовна соработка со Универзитетите, истражувачките центри, медиумските здруженија, граѓанскиот сектор и приватниот сектор.
Тој порача дека Владата нема да дозволи импровизации.
– Овој пат градиме држава која стои цврсто и гледа напред – изјави премиерот, додавајќи дека целта е да се изгради општество што препознава манипулации и институции кои реагираат брзо и професионално.
Мицкоски заклучи дека хибридните закани ја загрозуваат довербата меѓу луѓето и ја прават државата ранлива.
– Нашата задача е да ја вратиме довербата и да изградиме систем што нема да падне при првиот силен удар – заврши премиерот.
Амбасадорот на Обединетото Кралство во Северна Македонија, Метју Лосонподвлече дека странското мешање и манипулирање со информациите е безбедносна закана за сите сојузници и партнери во НАТО.
„Странското мешање не е дел од здравата демократија туку е закана и ја поткопува демократијата. Дезинформациите нè бомбардираат и граѓаните и новинарите не можат да проценат што е легитимна дебата од пропаганда. Затоа го склучуваме ова партнерство, како придонес кон глобалната борба против дезинформациите“, рече британскиот амбасадор Лосон.
Директорката на Институтот за комуникациски студии, Жанета Трајкоска кажа дека овој проект е логично продолжение на претходните активности на кои работеше Институтот за комуникациски студии во областа на дезинформациите.
„Странското мешање и манипулирањето со информациите е подмолна и сериозна закана која ја поткопува демократијата и ги нагласува поделбите по сите основи, го ограничува чувството на безбедност и се фокусира на ранливите категории на граѓани. Како одговор на овие закани, потребен е интегриран систем кој ќе биде обединувачки и ќе ги вклучува и академската заедница, цивилното општество итн.“ подвлече Трајкоска во своето воведно обраќање.