Мицкоски: Ќе има добри вести од САД следните денови
Во наредните денови за македонските граѓани ќе има добри вести од нашиот стратешки партнери Соединетите Американски Држави (САД), соопшти премиерот Христијан Мицкоски при неговата посета на Кратово, одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар за суспендирањето на иселеничките визи од САД за 75 држави, меѓу кои и Македонија.
Според него, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија веќе дало свој коментар во насока дека одлуката е поврзана со имигранстски визи, а не за визи што се за потребите на студирање или за туристички посети.
„Во деновите што следат ќе има добри, пријатни вести за македонските граѓани кога станува збор за ваков тип на односи со нашиот стратешки партнер. Би бил внимателен и трпелив и очекувам многу добри вести за македонските граѓани“, рече тој по посетата на реконструираната спортска сала во Кратово.
Зборувајќи за критиките од опозицијата, рече дека истото што сега се прави кон САД, било случај и претходно со Обединетото Кралство.
„Жалам што опозицијата после жестоките и рафални критики кон нашиот стратешки партнер Обединетото Кралство, истото го прави сега и кон САД. Ќе ве потсетам, не така одамна, кога беа наметнати трговски тарифи од 35 отсто, истите тие опозициски перјаници, што јас ги нареков талог на општеството во политиката, поитаа да го навредуваат нашиот стратешки партнер САД, а никаде ги немаше да се извинат кога се нивелираше таа ставка на 15 отсто“, рече тој.