Мицкоски „капитулираше“ пред судиите, ќе им даде повеќе пари за да добие „петка“ од Брисел
Јавно кажувам дека ќе добијат независен буџет откако ќе направиме детална анализа како е тоа во современите земји, рече премиерот
Премиерот Христијан Мицкоски, по категоричните најави дека нема намера да им ги зголеми платите на судиите бидејќи не ги заслужиле, денес излезе со друга „песна“ – дека ќе добијат финансиска независност и очекува од Брисел да излезат и да кажат му кажат „браво“. Поконкретно Мицкоски најави дека до крајот на годината ќе бидат донесени реформските закони поврзани со правосудството односно со судиите и обвинителите и за јавно обвинителска и судска служба.
Мицкоски вчера заедно со министерите за надворешни работи, Тимчо Муцунски, за европски прашања Орхан Муртезани и за финансии Гордана Димитриевска–Кочоска ја анализирале ситуацијата и заклучиле да се донесат законите што ги бара Европската унија, но без јасен став дали судството ќе добие 0,8 проценти од БДП, како што бара ЕУ или висината на процентот, за кој смета дека е превисок, и натаму ќе зависи од анализата на Владата во кои рамки се движи во европските земји.
„Практично се бара да добијат независен буџет од државата и само да ја информираат извршната власт за одлуките што ги носат. На пример, планот за вработување и унапредување што го имаат судиите и обвинителите да поминува одобрен од страна на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, а тие само да ја информираат извршната власт. Во ред. На состанокот анализираме неколку модели од Европа, колкав е тој процент и дали се однесува буџетот на приходните страни, вкупните приходи или на Бруто домашниот производ. Но, треба да знаат дека во тој момент одговараат за секој денар пари потрошени од вас граѓаните. Од хигиенски препарати, па сѐ до реконструкција и санација на институциите. Ќе го добијат тоа. Јавно кажувам дека ќе го добијат откако ќе ја направиме деталната анализа како е тоа во современите земји. Сами нека вработуваат, сами нека унапредуваат, сами нека се грижат за сите оперативни трошоци, сами нека си даваат плата во рамките на буџетот, кој ќе биде онаков каков што е во неколку примери кои ги дефиниравме“, рече Мицкоски пред новинарите на настанот за ФЗО.
Тој очекува од Брисел да им кажат „браво“ и да добијат „петка“, а за возврат ќе бара одговорност од судиите.
„Само една работа ќе барам од нив – одговорност за секој потрошен денар народни пари преку Државниот завод за ревизија и собраниската комисија која врши надзор над нивното работење, зашто тоа се народни пари. Како што мене ме контролираат, така и нив ќе ги контролираат. Треба да се свесни дека до Нова година ќе ги донесеме законите, но ако останеме на ниво со едноцифррена поддршка за судиите и обвинителите ние ништо не сме направиле. Еве јас како претседател на владата сум прв тоа да го добијат, да видиме тогаш што ќе пречи и очекувам од Брисел да излезат и да кажат браво и да ни кажат дека сме одлични дека сме добиле петка, затоа што, нели, тоа беше проблемот. Немало реформи, еве ќе ги донесеме до Нова година, ајде да видиме дали е тоа пречката или е нешто друго“, рече Мицкоски.
Мицкоски притоа не го коментираше писмото од судиите кои му порачаа дека се меша во нивната работа и со коментарите ги преминал сите граници на добро однесување.
„Јас нема да давам одговор на таков тип на дописи, оставам јавноста да каже. Еве, граѓаните нека кажат дали се тие задоволни од испораката на правда во Македонија. Јас ќе молчам и ќе се држам до она што го дадов како одговор во претходното прашање. Сѐ ќе добијат, секој денар ќе гледаме каде го трошат, да не се случи потоа дел од нив да се најдат на обвинителна клупа. Бараат финансиска независност, ќе добијат, во рамките на тој процент што е во Европската унија. Не можеме ние да бараме 0,8, 1, 2 отсто, а да речеме во многу развиени земји е 0,2, 0,4 проценти. Да не излезе сега дека повеќе трошиме од тоа што тие го бараат, но ќе го добијат, јас ви ветувам дека ќе го добијат“, рече Мицкоски.
На судиите им прекипе од Мицкоски: Премиере, ја поминавте границата на добро однесување!