Мицкоски како провладин актер во Будимпешта: „Виктор Орбан е бранител на Европа“

Ретко кој странски политичар има изречено толку пофалби за Виктор Орбан како македонскиот премиер вчера во Будимпешта. Тој го искористи слоганот од македонските избори и им порача на Унгарците да „бидат горди“ кога ќе гласаат на 12 април


Христијан Мицкоски за време на говорот во Колегиумот „Матиус Корвинус“

 

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски доби важен простор во провладините унгарски медиуми, каде неговата посета на Будимпешта беше претставена како дополнителна поддршка за премиерот Виктор Орбан пред неизвесните избори на 12 април. Провладините медиуми во Унгарија во основа се вистински владини, затоа што се преполни со екстремни пофалби за Орбан и екстремни критики за лидерот на опозицијата, Петер Маѓар. Секоја изјава на Орбан и министерот за надворешни работи Петер Сијарто се глорифицира. Нема ни трага од некаква прикриена независност. Сѐ е во служба на кампањата на Фидес.

Во таква преполнета агенда на провладините медиуми, во која Петер Маѓар се претставува како проевропски демон, Христијан Мицкоски обезбеди свое место. Иако тој ја нема европската големина како Французинката Марин ле Пен, или Германката од АфД, Алис Вајдел, секоја поддршка за Орбан може да биде важна за изборите за кои анкетите покажуваат дека ќе ги загуби.

Овие медиуми не само што пренесуваат информација за средбата меѓу Орбан и Мицкоски (пред унгарскиот премиер да замине на митинг од кампањата) туку поопширно се цитира она што македонскиот премиер го кажа во понеделникот вечерта во својот говор на настанот организиран од провладиниот Колегиум „Матиус Корвинус“ во Будимпешта. Настанот беше заглавен како „Заеднички вредности, поблиски врски, унгарско-македонско стратешко партнерство“.

Мицкоски во овој говор на Унгарците им кажа дека „Виктор Орбан е бранител на Европа“.

За што друго зборуваше Мицкоски во „Матиус Корвинус“, како што пренесува „Маѓар немзет“?

Тој го започна својот говор велејќи дека денешна Европа е опкружена со неизвесности и предизвици, поради што политичките лидери имаат особено голема одговорност. Како што рече, „во политиката, кога сте лидер на нација, мора да се соочите со овие предизвици и да понудите решенија“, бидејќи ако тоа не се направи, целата земја ќе ги сноси последиците. Тој нагласи:

„Во опасни времиња, во предизвикувачки времиња, потребно е искуство и искусни тимови, а не експериментирање“.

Тој верува дека се потребни лидери кои не само што критикуваат, туку даваат одговори и решенија.

Потоа, македонскиот премиер зборуваше за тоа како пристигнал во Будимпешта не само како премиер, туку и како пријател и сојузник, и јасно стави до знаење:

„Ние, како влада, стоиме зад Виктор Орбан“.

Тој тврди дека кога Европа се соочува со економски, безбедносни и вредносни предизвици, не е доволно да се плови со плимата, бидејќи „потребно е лидерство, потребна е визија, потребна е храброст“. Тој верува дека Виктор Орбан е тип на лидер кој не ја следи, туку ја води толпата и не се плаши да каже не ако унгарскиот национален интерес го бара тоа.

Според Мицкоски, силата на политиките на Виктор Орбан се докажува со резултатите. Тој се осврна и на прашањето за миграцијата, велејќи дека „Виктор Орбан е бранител на Европа“.

Еден од централните елементи на неговиот говор беше акцентот на заедничките вредности. Македонскиот премиер зборуваше за тоа колку многу луѓе денес се повикуваат на вредности, но малкумина ги бранат, додека, според него, Унгарија навистина ги живее.

„Семејство, традиција, вера, идентитет – ова не се само зборови. Ова се темелите на секое здраво општество“, рече тој. И додаде: „Без силно семејство, нема силна земја. Без традиција, нема идентитет. Без идентитет, нема иднина“. Затоа тој ја гледа Унгарија како „глас на тивкото мнозинство на Европа“, на оние луѓе кои не се гласни, туку сакаат стабилност, безбедност и достоинство.

Мицкоски, исто така, посебно зборуваше за односот меѓу двете земји. Тој потсети дека за време на средбата во Будимпешта, имал искрен, отворен и пријателски разговор со Виктор Орбан, кој се фокусирал на продлабочување на економската соработка, нови инвестиции, инфраструктура, енергија и регионална стабилност. Според него, тие разговарале и за европската перспектива на Македонија, која, според него, „мора да биде достоинствена и принципиелна“. Тој нагласи дека Виктор Орбан е голем пријател на неговата земја, а Унгарија, под негово водство, е пример за стабилност, визија и лидерство.

На крајот од говорот, македонскиот премиер рече дека на изборите, луѓето не одлучуваат само за влада, туку избираат насока: дали Унгарија ќе ја задржи својата сила, стабилност и гордост или ќе се повлече во неизвесност.

Тој рече дека вистинската одлука е „избор на достоинство, стабилност и иднина“, а потоа им рече на присутните: „Бидете силни! Бидете горди! Останете свои!“ Тој го заврши својот говор велејќи дека „силна Унгарија значи силна Европа“, а силна Европа значи стабилен и просперитетен регион. (Н.В.)