Мицкоски како медијатор меѓу министрите Беким Сали и Игор Филков
Премиерот изрази подготвеност полагањето на правосудниот испит да се регулира за јазиците на сите народи од Преамбулата на Уставот
Премиерот денеска во улога на медијатор ги смируваше острите тонови меѓу двајца министри во владата поврзани со полагањето на правосудниот испит.
Христијан Мицкоски дека полагањето на правосудниот испит на албански јазик е прашање кое мора да се решава исклучиво во рамки на Уставот и законите и изрази подготвеност тоа да се регулира за јазиците на сите народи од Преамбулата.
„Ние мораме да ја гледаме суштината за да дојдеме до решението. Уставот е јасен и прецизен и Уставот вели дека официјален јазик на целата територија на Македонија и во меѓународна употреба е македонскиот јазик, но исто така, официјален јазик е во случајот и албанскиот, односно заедницата, којашто е повеќе од дваесет проценти. Тоа е амандманот 5, кој што практично го заменува членот 7 од Уставот и во еден дел од тој амандман 5, многу јасно стои, комуникацијата во институциите на државната управа може да се одвива и на јазикот, во случајот на заедницата, која што е повеќе од дваесет проценти, откако тоа ќе биде утврдено со закон“, истакна Мицкоски.
Според него, потребно е да се направи закон, кој ќе биде пратен во Венецијанската комисија, која ќе даде свое мислење дали е согласно Устав или не е.
„Факт е дека кога е направен Законот за употреба на јазиците, Венецијанската комисија за делот на правосудството дава негативно мислење. Кога се дава една анамнеза треба сите параметри да се имаат предвид. Но, еве, политичка волја од моја страна да се седне и да се разговара. Јас ќе ги поканам утре луѓето кои што ја изнесоа темата за оваа работа во јавноста за да дојдеме до решение“, изјави Мицкоски.
Работата во јавноста прв ја изнесе вицепремиерот и министер за евроинтеграции Беким Сали, кој побара правосудниот испит да се полага и на албански јазик. На ова жестоко реагираше министерот за правда, Игор Филков, кој рече дека завршило времето на селективно толкување на Уставот и законите. Филков нагласи дека Уставот не смее да биде предмет на слободни интерпретации и дека одлуките во правната држава не се носат по лична проценка или политички впечаток, туку исклучиво по Устав и закон.
Според Филков, иако Законот за употреба на јазиците дозволува користење на албанскиот јазик во постапките пред институциите, правосудниот испит не може да се третира изолирано, бидејќи тој е предуслов за влез во судството, обвинителството, адвокатурата и другите правни професии, каде законите јасно бараат активно познавање на македонскиот јазик. Полагањето на испитот на македонски јазик, како што рече, служи токму за проверка на таа јазична и стручна подготвеност, со оглед на тоа што постапките и актите во правосудството примарно се водат на македонски јазик и кирилско писмо.
Тој рече дека правосудството не смее да биде заложник на ничија агенда и секој носител на функција е должен да ги почитува Уставот и законите, бидејќи секој друг пристап претставува недозволив притисок врз правната држава.