Мицкоски: Бугарските намери се фашизоидни и хегемонистички
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, му даде задача на бугарскиот премиер Кирил Петков да отвори најмалку два клуба во Благоевград и Сандански за Македонците кои живеат во Пиринска Македонија.
„Гледам и дека потпретседателката на Бугарија продолжува со неевропските вредности и негирањето на македонското малцинство во Пиринска Македонија и тоа навистина нема никаква врска со европските вредности кои овие политичари треба да ги промовираат. Напротив, нѐ враќаат во едни минати времиња, во времињата на бугарската фашистичка окупација за време на Втората светска војна овде во Македонија, на жртвите кои македонскиот слободарски народ ги има дадено за да создаде своја демократска држава и да можеме ние денеска да го живееме ова што го живееме и да се ослободи од еден таков фашистички окупатор каков што бил бугарскиот за време на Втората светска војна. Јас по оваа провокација и овие изјави дадени овде во Македонија навистина немам што да додадам, освен со чудење да констатирам дека не знам кој е тој политичар или историчар кој ќе седне на маса заедно со неговите колеги од нашиот источен сосед и да продолжи да преговара за постигнување договор барем до јуни. Ако ова е да си најдат некаков изговор зошто повторно да ја блокираат Македонија, тогаш се прилично успешни“, додаде Мицкоски.
Мицкоски ја повика меѓународната заедница и Брисел да стави крај на овие неевропските егзибиции од страна на официјална Софија бидејќи овде во Македонија, вели Мицкоски, нема кого повеќе да повикува бидејќи станува збор за некредибилни политичари.
„Од овде, од Илинден, ја повикувам и Европската унија и официјален Брисел да стави крај на овие фашизоидни и хегемониски намери од страна на нашиот источен сосед да направи притисок и да овозможи Македонија конечно да ги почне преговорите. Овој народ тоа го заслужува бидејќи многу пати во историјата се покажал дека стои рамо до рамо со европските вредности“, рече Мицкоски.