Мицкоски имал информации кој и кога става потписи во Уставниот суд


 

Ако е точно она што го кажа денеска премиерот Христијан Мицкоски за работата внатре во Уставниот суд тогаш тој како човек на чело на извршната власт има информации (од кого и да се) за тоа што се случува и како одлучува највисокиот суд во земјава. Во институцијата што треба да биде независна од извршната власт.

Неговата изјава од денеска е надополнување на она што вчера го кажа во Собранието дека се подготвува некаков удар врз политиките на владата од уставниот суд во врска со линеарното зголемување на пензиите и отворената постапка во судот.

„Вчера за време на пратеничките прашања бев многу прецизен и кажав дека имам информации дека е отпочната постапка и оти судијата известител ставил потпис на конечниот извештај со кој се укинува линеарното зголемување на покачувањето на пензиите за пензионерите од следниот месец“, рече Мицкоски.

Според него, владата со линеарното зголемување на пензиите сакала да го подобри животниот стандард на 330.000 пензионери, но изгледа дека Уставниот суд имал поинакви намери.

„Дали тоа ќе се случи ќе видиме наскоро, дали сум бил во право, дали информацијата била точна или не. Многу скоро ќе добиеме одговор. Јас би сакал да не сум во право. Еве посакувам да не сум во право, но што ако сум во право? Тогаш кој е тој што прави хаос и кој свесно удира по стандардот на пензионерите. Владата со тие мерки сакаше да го подобри стандардот на повеќе од 330 до 350 илјади пензионери. Некој друг има поинакви намери“, рече премиерот.