Мицкоски и Вучиќ разговарале за Коридорот 10


Српскиот претседател Александар Вучиќ на средбата со македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Белград ја истакна важноста на Коридорот 10.

„Со Христијан Мицкоски разговаравме за зајакнување на односите и за заеднички иницијативи за постабилна иднина на нашите граѓани. Разговаравме за економски и инфраструктурни проекти, со посебен акцент на изградбата на пругата Будимпешта-Белград-Скопје-Атина -Пиреја, која ќе значи поврзување на Јужна и Централна Европа, како и подобрување на трговската размена и соработка во областа на енергетиката“, изјави Вучиќ по средбата.

Шефот на српската држава изрази „благодарност за фактот што Северна Македонија е еден од клучните партнери во иницијативата Отворен Балкан, која стана симбол на силна регионална соработка и поврзаност на Западен Балкан“.

„Нашата заедничка цел е подобра иднина за сите граѓани, а соработката преку Отворен Балкан и други проекти останува цврста основа врз која ја градиме иднината на целиот регион. Убеден сум дека ќе продолжиме да ги развиваме односите во дух на пријателство во иднина и партнерство“, напиша Вучиќ на Инстаграм.

Мицкоски по разговорот рече дека „нема отворени прашања меѓу двете земји, а односите се засноваат на меѓусебно почитување и пријателство. Мора да создадеме мостови на економска и политичка соработка со сите соседи и да градиме иднина за нашите граѓани“, порача тој.

Македонскиот премиер се сретна и со премиерот на Србија, Милош Вучевиќ.

„Интензивната комуникација меѓу двете влади отвора можности за економска и политичка соработка. Средбата се одржа во духот на традиционално добрите односи меѓу двете земји со акцент на зајакнување на билатералната соработка и реализација на заеднички регионални проекти. Разговаравме за подобрување на соработка во енергетиката, економијата и транспортната инфраструктура, како и заеднички напори за справување со регионалните предизвици“, истакна  Мицкоски.

Пред македонската велер на која ќе бидат преставени над  300 вина и наши специјалитети Мицкоски рече дека Македонија има повеќе од 28.000 хектари лозови насади, а годишно произведуваме околу 100 милиони литри вино, од кои речиси 70 проценти се извезуваат во над 40 земји низ светот.

„Нашите лозја, кои се простираат низ региони како Тиквеш, Повардарие и Пелагонија се меѓу најсончевите во Европа, со над 270 сончеви денови годишно, што придонесува за квалитетот на грозјето. Особено сме горди на нашите автохтони сорти, како што се „вранец“ и „станушина“, кои стануваат препознатливи брендови на меѓународната сцена. Во споредба со соседните земји, Македонија се издвојува по балансот, меѓу количината и квалитетот на произведеното вино. Според податоците, 50 проценти од произведеното македонско вино е со ознака за географско потекло, што ја истакнува нашата посветеност на врвниот квалитет.Дополнително, секторот за вино придонесува со три проценти од вкупниот БДП на земјата, обезбедувајќи работа за над 20.000 луѓе, од лозарите до винарите и извозниците. Со ова, Македонија станува водечки извозник на вино во регионот според бројот на литри по глава на жител“, рече Мицкоски.
 
Тој верува дека овој настан нема само да ја зајакне нашата винска индустрија, туку и дека ќе отвори нови пазари и можности за сите учесници.