Мицкоски и на Божик зборуваше за предавство околу уставните измени

Од СДСМ велат дека „јавните лелекања“ на Мицкоски нема да го спречат напредокот на земјата


 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска уште еднаш повтори дека неговата партија останува на ставот за предвремени парламентарни избори. Тој очекува кон крајот на јануари или најдоцна во почетокот на февруари да се изгласа распуштање на парламентот, во средината на февруари да се формира техничка влада, а изборите да се одржат во втората половина на мај.

Одговорајќи на новинарски прашања по централната свечена божествена литургија за Божиќ во Соборниот храм „Свети Климент Охридски” на која присуствуваше, Мицкоски, без да каже конкретни имиња, оцени дека „огромно мнозинство од пратениците на СДСМ и ДУИ рефлектираат позиција дека сакаат да има предвремени избори и да дојде крајот на оваа Влада“.

Тој ги квалификува уставните измени како предавство.

„Тоа не е обединување, тоа е предавство и тоа требаше некој да го мисли пред да го договара. Ние не излеговме на избори ветувајќи им на граѓаните промена на Уставот, не излеговме на избори ветувајќи им на граѓаните потпишување капитулација и предавство. Тој што тоа го потпишуваше треба да знае дека нема услови да го испорача. Тоа е токму еден од тие моменти кои внесуваат раздор меѓу македонскиот народ. Но, македонскиот народ е мудар и ако ги погледнете сите мерења на јавното мислење, ќе видите дека огромно мнозинство, повеќе од три четвртини, се противи на таквиот чин“, рече Мицкоски.

Според последнат анкета на ИРИ, бројот на оние што се спротивставуваат на впишувањето на Бугарите во Уставот сега изнесува 56 отсто. Во текот на летото тој процент изнесуваше 80 отсто.

На оваа негова изјава веднаш реагираше СДСМ соопштувајќи дека предвремени избори нема да има.

„Ништо не е променето кај Мицкоски. Ја започна годината исто како што ја заврши и како што ја тераше цела мината 2022 година. Јавните лелекања на Мицкоски, ниту пак неговите фабрикувани лаги за ново мнозинство, не можат да ги спречат реформите ниту напредокот на земјата. Предавство е да се лаже својот народ, да се блокира европскиот пат и признавањето на македонскиот јазик и идентитет во големото семејство на европски народи.

Мицкоски останува заложник на Апасиев и во сенка на Груевски, го лаже народот дури и на Божик“, велат од владејачката партија.