Мицкоски и Курти договорија конкретни чекори во енергетиката, образованието и граничното менаџирање
Време е да ги решаваме економските прашања, истакна македонскиот премиер Христијан Мицкоски на денешната заедничка прес-конференција со неговиот косовски колега Албин Курти, по заедничката владина седница во Приштина.
Двајцата премиери и членовите на двете влади разговарале за широк спектар на прашања од заеднички интерес вклучувајќи ја економската соработка, зголемувањето на трговската размена, инфраструктурните проекти и заедничките напори за обезбедување на регионалната стабилност и безбедност.Мицкоски оцени дека средбата била исклучително продуктивна, со искрен и отворен дијалог што е од клучно значење за зајакнување на односите меѓу двете земји.
Косовскиот премиер Курти му се заблагодари на премиерот Мицкоски за волјата за продлабочување на соработката и зајакнување на партнерството меѓу двете држави во интерес на граѓаните и на регионот.
Владите на Северна Македонија и на Косово денеска во Приштина одржаа заедничка седница по што беа потпишани билатерални договори и меморандуми за соработка во повеќе области. Со седницата претседаваа премиерите Христијан Мицкоски и Албин Курти. По седницата беа потпишани три документи. Првиот е меморандум за соработка во областа на енергетиката, рударството и минералните суровини, со којшто се дефинираат иницијативи за соработка во полето на енергетиката, гас, јаглен, електрична енергија и на релевантни инфраструктурни проекти за интерконекција за гас и други проектни иницијативи, како и иницирање соработка за испитување на можноста за развој на нова директна врска за гас Република Косово-Република Северна Македонија.
Вториот документ е Информација за склучување на протокол за спроведување на Договорот за заеднички гранични премини „Блаце – Елез Хан“ и „Јажинце-Глобочица“. Со овој протокол се регулира начинот на проверки и царинска контрола, инфраструктурата на заедничките гранични точки, меѓусебно поврзување на системите на гранично управување и начинот на одржување на објектите.
Потпишан е и Меморандум за разбирање и соработка меѓу Министерството за образование и наука на Северна Македонија и Министерството за образование, наука, технологија и иновации на Косово. По официјалниот пречек, се одржа тет-а-тет средба на двајцата премиери Мицкоски и Курти, а потоа и меѓувладината седница.
Членовите на македонската влада, предводена од премиерот Мицкоски во Приштина беа пречекани со највисоки почести.