Мицкоски: Грешевме, ви се извинивме, гласајте повторно за нас


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на прославата на 31-годишнината од формирањето на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, порача дека „избори ќе има многу скоро од денеска“, па го повика народот да се обедини против власта. Неговата главна порака беше грешевме, ви се извинивме, сега повторно гласајте за нас.

-Нас тоа обединување и таа порака на обединување на тие избори ни е потребна како никогаш досега. Знам дека можеби ВМРО-ДПМНЕ некогаш прави и понекоја грешка, не сме безгрешни, луѓето што работат знаат и да погрешат. Но, од тие грешки влечиме поука и знаеме да се извиниме. Знаеме дека не секогаш нашите политики за секого се прифатливи, но се стабилни и носат просперитет и сигурна иднина. Знам дека можеби понекогаш некого ќе налутиме затоа што некој чекор кој ќе го направиме не содејствувал со неговите или нејзините очекувања, но тоа е затоа што многу анализираме и внимаваме да не ги направиме грешките од минатото.

Мојата порака од денес од тука од Прилеп до цела Македонија е за тоа што грешевме побаравме прошка и се извинивме и ви благодариме за поддршката на локалните избори, за огромната поддршка за историската победа и во првиот и во вториот круг на коалицијата која ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ. Но, набргу од денес ќе ни треба повторно народна мобилизација, општествена поддршка, обединување околу столбот на Македонија, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ.

Да ја поразиме оваа криминална, корумпирана и предавничка влада предводена од СДСМ. Да ја поразиме со мнозинство што ќе ги исправи грешките кои што се случија изминативе 5 години. А тие кои што ги донесоа тие грешки да одговараат за тие грешки. Затоа што ако нема одговорност за криминалот, за корупцијата за националните предавства, тогаш повторно некој во иднина ќе се дрзне да посегне по факелот наш македонски и по нашата Македонија. Затоа барам обединување и општествена поддршка на народот, рече Мицкоски.