Мицкоски го пречкрта СЈО, власта ќе брка 80 гласа како за името


Владата е подготвена да собира 80 гласа во парламентот што ќе му го продолжат животот на Специјалното јавно обвинителство доколку ВМРО-ДПМНЕ остане на тврдиот став дека Катица Јанева и нејзиниот тим можат да бидат само дел од Јавното обвинителство. Кампањата за претседателските избори ги запре средбите меѓу работните групи на власта и на опозицијата, а резултатот што го постигна Гордана Силјановска-Давкова ги крена амбициите во белата палата, од каде што сега не можат да се слушнат никакви најави за можен компромис. Решавањето на статусот на СЈО е еден од условите за добивање старт на преговорите за членство во Европската Унија.
„Првата наша сугестија е дека овој неуставен елемент, какво што е сега СЈО, нема да постои, односно се бара начин да влезе во рамките во Јавното обвинителство. Нашиот став е, имаме одделение за организиран криминал и корупција, да го споиме, зошто да креираме ново одделение кое ќе биде пак определен политички компромис? Првиот принцип е да го инкорпорираме СЈО во рамките на одделението за гонење криминал и корупција“, повтори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Најголемата опозициска партија останува и на барањето дека јавниот обвинител треба да се избира по предлог на опозицијата. Третото барање е „бомбите“, односно прислушуваните разговори, да не важат за случаи отворени по 30 јуни 2017 година.
„Сè што е до тој датум, согласно законот за СЈО – нека си има завршница, а потоа да се покрене одговорност зошто некој постапувал спротивно на законите, некој неовластен тужител ја злоупотребил својата службена позиција и должност и отпочнал предистраги и истраги, дури поднел определени обвиненија и зошто некој од судиите ги прифатил тие обвиненија“, напоменува Мицкоски.


Тој се залага да се вратат тие обвиненија кај овластен тужител, односно јавниот обвинител да започне постапка по допрен глас. Според Мицкоски, доказите се собрани од неовластен тужител, од човек кој нема легитимитет.
„Не можеме ние да интервенираме во процесите. Тие дела ако постојат, односно доказите, нека си ги соберат“, дециден е лидерот на опозицијата.
Функционер на владата, кој е вклучен во процесот за пеглање на разликите со ВМРО-ДПМНЕ, за „Независен весник“ брифира дека работните групи не се сретнале со недели, а последни на состанок биле Мицкоски и премиерот Зоран Заев, и тоа на 8 април.
„Премиерот изјави дека се прифатени дел од барањата на опозицијата и оти е постигнат напредок. Изненадува тоа што сега Мицкоски децидно тврди дека ќе биде или по нивно или никако. Во тој случај, ние ќе се обидеме да стигнеме до двотретинско мнозинство во Собранието за да го истуркаме законот, кој е исклучително важен за евроинтеграцијата на земјата. Би било одлично доколку во тоа учествува и опозицијата“, тврди нашиот извор.
Претседателот на Владата пред две недели рече дека е изработена нова верзија за законот за СЈО, во која во одредени сегменти се прифаќаат голем дел од сугестиите на ВМРО-ДПМНЕ.
„’Бомбите’ или т.н. материјали за неовластено прислушување нема да бидат во доказна постапка во идното работење на Јавното обвинителство во Република Северна Македонија. Таму јасно стои во членот 105, ставот 4, дека ‘бомбите’ веќе нема да бидат во доказната постапка, а материјалните докази нормално дека постојат, тие се живи“, рече Заев.
Најголемото несогласување и натаму е во самостојноста на СЈО, Владата инсистира да останат сами, а опозицијата сака да ги спои со „обичното“ обвинителство.
Пораките што стигаат од Брисел се јасни и укажуваат дека мора да се искористи поволната политичка клима околу земјава, но за возврат, треба да се завршат домашните задачи за во јуни да добиеме почеток на преговорите. Мандатот и статусот на СЈО, како што се тврди, никогаш не биле поставени како формален услов од Брисел, но се услов што го бараат некои земји – членки (Холандија и Франција). 
Условите за формирање и успешното функционирање на Антикорупциската комисија, како и кристално чисти претседателски избори, засега се остваруваат. По вториот изборен круг на 5 мај, се очекува разврска и за СЈО.

Горан Адамовски