Мицкоски го пофали креаторот на видеото со Трендафилов. Внимавал на децата

Премиерот зборува за „битанги“ зад решетки и побара Трендафилов да ѝ се извини на Стојаноска затоа што е жена и мајка


Фото: Б. Грданоски

 

Премиерот Христијан Мицкоски го спушти политичкиот речник на условно речено уличен, велејќи дека имало „битанги зад решетки“ и дека бил загрижен за културата на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов по објавувањето на видео снимка со неговите деца.

Мицкоски кој постојано и на говорницата во Собранието и во други настапи вели дека најлошо нешто е неговите деца да бидат споменувани во политички пресметки, немаше такви зборови за децата на Трендафилов кои беа искористени за пресметка со нивниот татко.  

Трендафилов вчера побара политичка одговорност од пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска, која објави видео како тој ги зема неговите деца од училиште во Велес. Мицкоски, пак, денеска, исто како и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, побара одговорност од Трендафилов и да ѝ се извини на Стојаноска.

„Го видов бледото оправдување дека бил службено таму, а уште повеќе сум загрижен од нивото на култура на еден човек кој ја испушти шансата да биде над ситуација и како загрижен родител, барем речникот да му биде попристоен“, рече Мицкоски, за време на настан во скопската населба Влае.

Премиерот дури испрати пофалби за оној што го стокмил видеото лажно тврдејќи дека на него не се прикажани малолетните деца на Трендафилов. На видеото многу јасно се гледаат двете деца на Трендафилов на кои со црни точки им се замаглени само лицата.

„Многу е внимавано на тоа“, рече Мицкоски, оддавајќи му „признание“ на креаторот на видеото.

Тој додаде дека Трендафилов требало да биде многу повнимателен спрема Стојаноска „бидејќи станува збор за жена, мајка“ и „да биде покултурен во својот речник и сите навреди кои ги кажа“. Мицкоски рече дека Дафина Стојаноска заслужува да добие извинување од негова страна. „А ако не го стори тоа, уште еднаш ќе ја пропушти шансата да видиме човечки материјал во него“, нагласи премиерот.

Тој најави дека деновиве ќе стане јасно оти улиците се блокирани од луѓе коишто се партиски истакнати активисти, членови на Конгрес на политички партии, општнски организации и очекува тоа да продолжи.

„Кога тоа би го направиле би имало партизација на барањата. Тие мислеле дека ќе најдат прокси преку Трендафилов којшто е влезен во една состојба специфична, кога се обидува од една страна да биде на сцената на Македонија, од друга страна кога ќе биде критикуван тогаш почнува да навредува и со крвави зеници и белки во очите напаѓа мајки, сестри, сопруги итн“.

Слободан Трендафилов вчера изјави дека е следен тој лично и неговите деца. Тој ја посочи пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, која објави видео на кое се гледа Трендафилов и неговите деца, за кое вели дека покажува оти власта користи секакви средства, дури и незаконски, за да го оцрни него и заложбите на ССМ за зголемување на минималната плата.

Трендафилов побара полицијата да открие кој го снимал видеото, но и да се одземе пратеничкиот имунитет на Стојаноска за да може да преземе правни мерки против неа, а исто така побара од премиерот и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да ја разреши од членството во Извршниот комитет на партијата.

„Монструмите не се само не телевизија. Тие се покрај нас“, рече Трендафилов.

Поранешниот шеф на военото разузнавање и професор по безбедност Владимир Пивоваров, вчера изјави дека снимката со Слободан Трендафилов, како ги зема своите деца од училиште е професионална. Тоа укажува дека тоа е работа безбедносните служби. Снимката е апсолутно мирна, нема тресење што упатува на тоа дека е употребена постапка за да нема ниту најмал ризик, рече Пивоваров.

Во електризираната ситуација со објавување на децата во видеото споделено од Стојаноска се вклучи и лидерот на Левица, Димитар Апасиев. Тој упати навредлива порака до Стојаноска, која му возврати на ист начин.

„Добро утро Дафино. Чиви ДЕЦА ќе објавуете денеска по мреживе. #ГнасиВмроидни”, напиша Апасиев.

На тоа Стојаноска возврати со навредлив одговор.

„Добро утро и на тебе, Кончито. Оди прво исперите тоа кошулите измастени црни. #ГадуриЛевичарски”, напиша Стојаноска.

Премиерот денеска повтори дека запленетите количества канабис може да стигнат до сто тони (сега во полициски хангар се 40). Тој ги нарече „битанги“ оние кои веќе биле зад решетки а се занимавале со незаконити дејства, а ќе следувале и нови постапки.

„Оние битанги кои се занимаваат со овие незаконити влијанија се зад решетки. Има уште некои кои ќе се најдат таму. Работата со криминалот е неисплатлива професија и ќе биде жестоко процесирана. И нема да има пардон. Знаете до пред 4-5 години какви битанги и бараби, и банди, хараа низ Македонија. Фала Бога сега тоа го нема и тие се таму кај што се“, додаде Мицкоски. (Н.В.)