Мицкоски го фалеше Орбан: Унгарија е пример за држава со јасна визија и силно лидерство
Премиерот Христијан Мицкоски во Будимпешта се сретна со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан. На средбат била „потврдена заедничката определба за продлабочување на стратешкото партнерство меѓу двете држави“.
Премиерот рече дека односите меѓу двете држави имаат „вредносна димензија“, заборавајќи дека тој и Орбан не се Македонија и Унгарија, бидејќи станува збор за односите меѓу двете влади кои се водат од заеднички, десничарски вредности.
„Разговорите се одржаа во исклучително конструктивна и пријателска атмосфера, а акцентот беше ставен на унапредување на економската соработка, привлекување нови инвестиции, зголемување на трговската размена и спроведување конкретни проекти од заемен интерес. Двајцата премиери разговараа и за инфраструктурното поврзување, енергетската стабилност и регионалната соработка, признавајќи дека во услови на глобални предизвици, силните партнерства се клучни за обезбедување стабилност и развој. Беше нагласена и важноста на поддршката што мојата земја ја добива од Унгарија во контекст на европската перспектива, подвлекувајќи дека процесот на интеграција мора да се базира на принципи и систем на заслуги“, се вели во соопштението.
Понатаму Мицкоски оцени дека зачувувањето на националниот идентитет е споделена вредност меѓу двете држави.
„Премиерот Мицкоски ја нагласи и вредносната димензија на односите меѓу двете држави, подвлекувајќи дека споделените вредности – семејството, традицијата и зачувувањето на националниот идентитет – се основа на стабилни и просперитетни општества“, пишува во владиното соопштение.
Мицкоски одржал и говор на настан организиран од „Колегиумот Матијас Корвинус“, каде што кажал дека „силните држави се градат врз јасни политики, стабилни институции и педантна заштита на националните интереси“.
Во говорот, Мицкоски искажал пофални зборови за рбан, велејќи дека Унгарија претставува „пример за држава која, со јасна визија и силно лидерство, успева да обезбеди економски развој, стабилност и зачувување на идентитетот“. Премиерот дополнително ја нагласил „улогата на премиерот Виктор Орбан како лидер кој има храброст да донесува одлуки во интерес на својата земја и кој придонесува за стабилноста на регионот и на Европа“.
Посетата на Мицкоски се случува две несели пред изборите во Унгарија каде што опозициската партија ТИСА и нејзиниот лидер Петер Мажар водат значајно во анкетите.