Мицкоски: Ги молев „Бехтел и Енка“ да не активираат казна од 100 милиони евра


Прермиерот Христијан Мицкоски во Вашингтон го молел раководството на „Бехтел и Енка“ да не активира казнени клаузули од, како што рече, 100-тина милиони евра.

– Првата средба со Бехтел и Енка ја имав во Вашингтон и молев. Требаше да ни наплатат 100 милиони евра зашто немаа фронт за работа. Молевме, да молев и ќе молам ако треба да го заштитам секој денар на граѓанинот на Македонија. И, што направивме? Заедно со потпретседателот на владата и директорот на „Државни патишта“ со претставници од компанијата излеговме на истотото место (Гостивар – Букојчани)  каде што претходно се пукаа петарди, за да означиме отворен фронт со расчистени имотно правни односи и траса на која може конечно да се работи, рече Мицкоски.

Филипче како пратеник во Собранието го праша Мицкоски зошто организирале промотивен настан со „Бехтел и Енка“ на траса од изградбата на проектот Коридор 8 и Коридор 10Д, кога ВМРО-ДПМНЕ на времето како опозиција биле против овој договор со американско-турскиот конзорциум, на што премиерот одговори дека неговата партија била против посебните закони.

– Тоа што вие го направивте,посебно во проектот за изградба на Коридор 8 и Коридор 10 беше понижување за министерот за транспорт и тогашниот премиер. Ги доведовте во подредена положба, да им се смеат и да се мајтапат со вашите коалициони партнери кои играа фудбалчињ,  на начинот на кој што овде во парламентот носевте закони кои немаа врска со европските закони. Ги злоупотребувате и европските вредности и македонскиот устав, истакна Мицкоски.

Премиерот додаде дека договорот со конзорциумот не може да се раскине затоа што би се платиле стотици милиони евра казнени пенали.

„И, да бевме против. И ден денес сме против тоа. Две години стоеја потрошени околу 350 милиони долари, ниту милиметар не беше поместена трасата, имотно правни односи би рекол неколку 10-тици парцели и многу основани сомневања за злоупотреба на буџетски пари. Тоа што злоупотребувате европско знаме, тоа што мислевте тоа е решението, а ве предупредувавме не е тоа решението, треба да се засукаат ракавите и да се работи, вие мислевте дека на тој начин сте ја завршиле работата, и готово ќе им се допаднеме на меѓународната заедница и повторно ќе бидеме Влада. Ете видовте до каде ве дотера таа политика, 18 пратеници“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека тој договор е класифициран, но се проверуваат сите можности и се прават напори истиот да се декласифицира за да може да се покаже пред македонската јавност и да се увиди дека сè што тој претходно зборувал е точно.

„Како Влада имавме две опции – или да излеземе од проектот, да останат овие 350 милиони долари кои што се платени и да платиме неколку стотини милиони оштета откако ќе завршиме арбитражен спор во судот во Лондон по британско, шкотско ирско, велшко законодавство, не по наше континентално и да извадиме уште неколку стотини милиони евра за сето тоа кое што ќе биде досудено како казна, бидејќи мораме сега слични такви спорови, како Казан Дол сега ние да ги плаќаме. Исто како што сега ги плаќаме долговите во ЕСМ 5 милијарди денари плаќаме долгови. Исто како што ги плаќаме долговите за друг дел од коридорот 8 делницата од Кичево до Охрид 80 милиони долари, неплатени фактури од ноември 2023 година на изведувачите. Пред банкрот ги доведовте, ама провизиите биле наплатени. Некој ги наплатил, дали сте вие или некој од оваа сала што е, некој ги наплатил. За тоа се погрижиле авансно и за тоа истражуваме. Немојте да мислите дека тоа ќе остане така неистражено. Сè ќе истражиме и сè ќе излезе на виделина“, дециден беше Мицкоски.