Мицкоски: Формирањето многудетно семејство е највисок патриотски чин на еден народ за сопствената татковина


Формирањето семејство, формирањето многудетно семејство е највисок патриотски чин на еден народ за сопствената татковина, без разлика на етничката припадност, на верската припадност. Многудетното семејство значи иднина. Ако сакаме да имаме иднина, ако сакаме да имаме држава, богата држава која ќе се развива и по нас тогаш семејството е одговорот на овој предизвик, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски на настанот Демографски трендови – Заедничка акција за инвестирање и искористување на човечкиот капитал преку петгодишната програма на Владата и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА). 

– Според последниот попис сме нешто над 1,8 милиони жители. Имаме над 700.000 редовно вработени и околу 350.000 пензионери. Реално присутно население според сите проценки не надминува 1,5 милиони. Можеби ова во следните 10-15 години ќе биде предизвик, но не со таа брзина ќе го почуствуваме сите. За 20 до 25 години тоа што ќе им го оставиме на тие генерации по нас ќе биде сериозен предизвик. Зошто? Зашто тогаш се плашам дека ќе бидеме држава со под еден милион жители и тогаш ќе имаме на еден пензионер, еден вработен. Тоа значи колапс за пензискиот фонд, тоа значи колапс за здравствениот фонд, рече Мицкоски.  

Според него, секој оној кој не разбира колку е ова сериозно не и мисли добро на државата.

– Нека ме нарекуваат конзервативен, заостанат, како сакаат нека ме нарекуваат, но ова мора да биде прв приоритет на оваа Влада и на сите следни влади, а тоа се многудетните семејства. За бадијала ни се градинки ако нема деца, за бадијала ни се училишта ако нема деца, за бадијала градиме автопати и пруги ако нема кој да вози и кој да се вози по нив. За тоа јас би сакал до сите македонски граѓани да упатам јасна порака формирањето семејство, а формирањето многудетно семејство е највисок патриотски чин на еден народ за сопствената татковина, без разлика на етничката припадност, на верската припадност, многудетното семејство значи иднина. Ако сакаме да имаме иднина, ако сакаме да имаме држава, богата држава која ќе се развива и по нас тогаш семејството е одговорот на овој предизвик, рече Мицкоски. 

Оваа програма, како што нагласи, е потврда дека не сме сами, дека имаме пријатели и партнери во светот, но и дека одговорноста е на сите нас да ги сочуваме нашите луѓе, да ги поддржиме младите, да го сочуваме семејството и да ја обезбедиме иднината на Македонија.   

Лимани: Да инвестираме во луѓето, да ги поддржиме младите и охрабриме оние кои заминале да се вратат – да ја градиме иднината заедно дома

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани истакна дека со новата петгодишна програма 2026–2030, одобрена од Владата и Извршниот одбор на УНФПА, Северна Македонија влегува во ново поглавје.

„Нашата цел е едноставна, но голема: да инвестираме во луѓето, во нивниот потенцијал, во нивната иднина. Да ги поддржиме младите за да имаат шанса да учат, да работат и да успеваат токму овде, дома. Да ги охрабриме оние кои заминале да се вратат за да донесат знаење, идеи и нова енергија во земјата. Да ги зајакнеме семејствата бидејќи тие се коренот на секое здраво и стабилно општество. Да создадеме услови во кои секое дете, без исклучок, ќе има еднакви можности за раст и развој. Да изградиме локални заедници кои нудат квалитетен живот, за секој граѓанин да може да ја гледа својата иднина таму каде што живее. Но оваа визија не може да се реализира ако делуваме поединечно. За да успееме, мора да ја градиме иднината заедно. Kога државните институции, локалната самоуправа, граѓанските организации и бизнис-заедницата работат како едно, можеме да ја претвориме програмата во реалност,“ истакна Лимани.

Директорка на УНФПА за регионот на Источна Европа и Централна Азија, Флоренс Бауер истакна дека новата Програма за државата е прослава на заедничка визија за демографски отпорно и социјално инклузивно општество.

„Документот е усогласен со националните приоритети на Владата со стратешки фокус кон ставање крај на нееднаквостите, обврската да инвестираме во човечкиот капитал на Северна Македонија и да обезбедиме просперитетна иднина за сите граѓани,“ истакна Бауер.

Петгодишната програма на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) за периодот 2026-2030 година ќе ја презентираше  Афродита Шаља, шефица на канцеларијата на УНФПА во Северна Македонија.

Програмата е одобрена од Владата на Република Северна Македонија, усогласена со националните приоритети и заложби со фокус на Националната демографска стратегија 2024-2044 година, како и со Рамката за соработка за одржлив развој меѓу Република Северна Македонија и Обединетите нации, стратешки документ што ја насочува работата на сите агенции на ОН што работат во земјата, во наредните пет години.