Мицкоски до правосудството: Ви истече времето за предлози, почнувам со реформите!
Во една од двете спектакуларни најави, покрај тоа дека ќе станеме земја со најниски даноци во Европа, премиерот Христијан Мицкоски давајќи отчет за работата на Владата, објави дека дошол крај на трпението и дека, откако не добил никакви предлози од правосудството како да се подобри неговата работа, стартува со неговите реформи.
-Рокот до 30 септември што го даде Владата помина, но за жал до нас не стигна ниту еден конкретен предлог како треба да се одвива реформата во нашиот правосуден систем. Затоа од денеска ние почнуваме да го развиваме нашиот систем и започнуваат реформите во македонскиот правосуден систем, затоа што Македонија и граѓаните немаат повеќе простор за чекање, порача Мицкоски на денешната прес-конференција по повод 100 дена од мандатот.
Тој нагласи притоа дека борбата против корупцијата била една од можеби најголемите забелешки која ја слушал изминативе денови за работата на Владата или како што рече „зошто не апсат“. Притоа се оправда дека ниту како човек, ниту како универзитетски професор, ниту како политичар нема да дозволи да прави естрада од ова прашање и никогаш нема да манифестира сила моќ и реваншизам, затоа што засекогаш мора да престане тој начин на однесување.
-Човечки е да се простува, но исто така потребно е криминалот и корупцијата да бидат казнети. Но, има институции каде што се водат тие процеси, има закон, има Устав пред кој тие кои сториле криминал треба да одговараат без разлика дали се тоа политички криминалци, бизнис криминалци, или некој друг вид криминалци кои што можеме да ги сретнеме сеуште на улиците низ државата. Затоа ве молам да бидете трпеливи, процесот е тежок затоа што имаме партиски октроирано и заробено обвинителство и судство. Притоа не мислам за сите обвинители и судии, туку за една мала група од нив кои се партиски послушници кои го контаминираа нашиот правосуден систем, рече Мицкоски.
Посочи дека до вчера до кога бил рокот за предлог реформи за правосудството до Владата официјално не пристигнал ниту еден предлог.
-Сите оние кои што критикуваа, сите оние кои што велеа дека ние сакаме да правиме чистка во правосудството и повторна партизација, само овој пат да ги смениме улогите, наместо едните и другите, наместо СДСМ и ДУИ да бидат Вреди, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, ги нема. Затоа од денеска ние почнуваме да го развиваме нашиот систем, нашата методологиоја и започнуваат реформите во македонскиот правосуден систем, затоа што Македонија и граѓаните немаат повеќе простор за чекање, рече Мицкоски.
Борбата со криминалот и корупцијата продолжуваат, посочи премиерот нагласувајќи дека голем дел од случаите се веќе разоткриени и се на виделина на јавноста.
– За првпат во независна држава имаме врховен судија кој што е фатен со мито во рацете, имаме поранешен претседател на Советот на јавни обвинители кој што е сочесник во тоа, поранешни пратеници, актуелни пратеници, директори, бизнисмени, огромни скандали. Можеби наша грешка беше што не правевме спектакл и естрада од сето тоа, но така се одлучивме, да ги испочитуваме приватноста на семејствата и презумпцијата на невиност пред било што да правиме. Не смеевме да ги осудиваме луѓето пред да бидат вистински осудени, вели премиерот Мицкоски. Според него, мора да се стави крај на таа пракса кога специјалци влегуваа во домовите на пратенции пред очиглед на малолетни деца и се иживуваа врз нив за да биде задоволена суетата на некои политички моќници.
-Нема потреба од тоа, мора да се сме на земја, подобро половина чекор напред, отколку три напред-два назад, верувајте тоа веќе се чувствува. Одговорноста е на највисоко ниво а посветеноста и работата ќе продолжи со уште поголема одлучност, нагласи премиерот Мицкоски.
Фото:Б.Грданоски