Мицкоски до Ковачев: Ти си македономразец


Фото: Б. Грданоски

„Најголемиот македонофоб, Андреј Ковачев, лично ме напаѓа, а јас никого не мразам во животов. Јас ги почитувам сите наши соседи, сите народни кои не опкружуваат.  Кога Ковачев, Каракачанов се македономразци, кога ќе сфатат дека постоела македонска нација, постоел македонскиот народ, колективната меморија на македонсиот народ е многу порано од тоа што они мислат, тогаш ние можеме да градиме пријателски односи“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на посетата на Штип.

Оваа изјава на Мицкоски е одговор на она што го кажа европратеникот на ГЕРБ (сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ), Андреј Ковачев. Според Ковачев, „додека Зоран Заев, Стево Пендаровски и Никола Димитров ги обиколуваат европските метрополи и се жалат против Бугарија, Христијан Мицкоски директно бара поништување на Договорот за соседството. Вистината е дека тој и неговиот претходник, Никола Груевски, отсекогаш биле против неговото потпишување… Тој е вистински шампион на антибугаризмот! Злобните јазици ќе најдат еквиваленти само меѓу србоманските четници од почетокот на 20 век, против кои се бореше ВМРО“, реагираше европаретникот на интервјутот на Мицкоски за „Фокус“.

Овој македонски народ постоел, рече Мицкоски во Штип, и пред Илинден, и за време на Илинден и по Илинден.

„Македонскиот народ постои денеска и ќе постои во иднина, колку тоа да не сака да го признае македономразецот Ковачев кој, за жал, е дел од европарламентот, и треба да промовира европски вредности. Тој треба да бара одговор на прашањата и да се извини за политиката што ја гради кон Македонија, тој треба да дозволи да ги отпочне преговорите Македонија со ЕУ, бидејќи овој народ секогаш бил на страна на вистинските европски вредности“, рече Мицкоски.