Мицкоски даде пари за Речица, не даде ни денар за Скопје
Владата ќе даде пари и за обновување на патеки на гробиштата во Охрид, што испадна поважно од автобусите за Скопје
Најмногу средства од унгарскиот кредит, речиси 243 милиони денари, ќе добие Општина Куманово, која најголем дел од финансиската помош ќе ја намени за проекти од областа на инфраструктурно и комунално уредување. Оценувањето и изборот го правеа евалуционите комисии – истакна вчера министерот за локална самоуправа Златко Перински.
Општината аплицирала за инфраструктурно уредување на зоната во Речица, изградба на секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа и изградба на атмосферска канализација на улицата „Бајрам Шабани“. Третиот проект е за изградба на секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа кон Доброшане каде функционира индустриска зона со клучни кумановски компании кои ја движат локалната економија.
Општина Охрид исто така добила поддршка од владата за сите десет проекти за кои аплицирала, меѓу кои и обновување на опрема на пумпна станица на „Макпетрол“ и патеки на локалните гробишта, што испадна дека е поважно од автобускиот превоз во Скопје поради кој илјадници граѓани се малтретираат секојдневно и доцнат на училиште или на работа, а бизнисот трпи огромна штета.
Проектите на локалната самоуправа Охрид за кои доби поддршка се однесуваат на реконструкција на улици во село Пештани, село Подмоље и село Долно Лекочереј, реконструкција на водоводна линија на ул. „Кленоец“ ЛТХ „Леарница, реконструкција на пешачки улици во рамките на градските гробишта во Охрид, реконструкција на локален пат од крстосница за село Рамне до црква „Свети Атанасиј“, проект за замена на постоечка опрема во пумпна станица „Метропол“, реконструкција на атмосферска и фекална канализациона мрежа за дел од улица „Кленоец“, реконструкција на улица во село Опеница која води до црквата „Свети Кузман и Дамјан и проект за рехабилитација на дел од локален пат за село Куратица. Целта е подобрување на условите за живеење во сите урбани и рурални средини, потенцираат од Општина Охрид.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека повеќе од 270 проекти од речиси сите општини кои конкурирале на повикот за помош на единиците на локалната самоуправа се потврдени на владина седница. На следната владина седница ќе има мало продолжување на рокот бидејќи во проектите на некои од општините е потребно дел од документите што недостасуваат да ги обезбедат. Мицкоски апелираше општините Струмица, Теарце и Сарај, како и Град Скопје, кои не добија пари за ниеден проект со кој аплицирале, да го искористат продолжениот рок за поднесување на нови комунални проекти, иако генерално како проблем за Град Скопје со посочи „немањето капацитет“ да спроведуваат проекти.