Мицкоски: Да не го губиме времето на поделби

Да се грижиме за татковината и да си ја чуваме, оти друга немаме, порача претседателката Сиљановска


Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ ,Христијан Мицкоски, им го честита на граѓаните Денот на македонската револуционерна борба. Преку Фејсбук Мицкоски порачува да не го губиме времето на поделби и прашања кои не разединуваат, туку посветено да работиме за подобар живот и на создавање општество на можности и почит.

-Нека е честит и вековит денот на македонската револуционерна борба. На овој ден е формирана и Македонската револуционерна организација. Делото на организацијата која ги носи историските свети букви ВМРО е дело кое се вгради во изградбата на самостојна држава и своја самосвест. Никулците на македонската национална мисла создадени пред илинденскиот период, делата и идејата на преродбениците, и енергијата на македонското граѓанство, ефектите од претходните востанија на разни делови на тогашната Македонија, кулминираа и се преточија во движечката сила на Македонската револуционерна организација. Тоа беше силата втемелена во идејата за сопствена независна држава со свој идентитет и посебност, наведува Мицкоски.

На овој ден, повикува премиерот, да се потсетиме на хероите кои ги дадоа животите за слободна Македонија, но и на заветот кој не обврзува.

-Потребно е да работиме за да донесеме иднина, да ја закрепнеме државата, да овозможиме правда и економски просперитет. Народот да живее подобро и секој атом да го насочиме кон создавање на посветла иднина каква граѓаните заслужуваат. Да не го губиме времето на поделби и прашања кои не разединуваат, туку посветено да работиме за подобар живот, повисок стандард и да создадеме општество на можности и почит. И ова е заедничката битка во остварувањето на целта, напиша Мицкоски.

Честитка по повод празникот упати и претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Нека ни е честит 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.

Ви посакувам празникот да го минете во мир и хармонија, радост и среќа, уживајќи ги придобивките на тешката борба за слободна, независна и демократска македонска држава.Идејата-водилка на основачите на Македонската револуционерна организација, коишто пред 131 година визионерски зачекорија по трнливиот пат кон политичка автономија, еволуираше и се доградуваше низ годините. Резултатот е самостојна македонска држава исправена пред нови предизвици.

Прославувајќи го Денот на македонската револуционерна борба, да се потсетиме на сите знајни и незнајни херои и на нивните идеали, убедувања и жртви. Денес, кога го живееме нивниот сон, да не заборавиме дека државноста е тешко стекната, дека не ни е подарена и треба да се брани со демократски инструменти, наместо со оружје, како некогаш. Затоа, да се грижиме за татковината и да си ја чуваме, оти друга немаме!Да се почитуваме еден со друг, оти без нас сите, нема македонска држава. Да им ја оставиме на потомците, како што нам ни ја оставија, македонските револуционери“, се наведува во честитката.