Мицкоски целосно ја закочи европската иднина, тврди Филипче


 

Лидерот на СДСМ денеска изјави дека премиерот Мицкоски треба да каже зошто не ја исполнил реформската агенда. Венко Филипче денеска од Охрид рече дека Мицкоски со досегашните политики целосно ја закочил европската иднина на државата.

„Имаа можност, 12 закони требаше да се донесат во 2025 година. Се донесе само еден на крајот на годината и тоа парцијално донесен, без сите препораки од Европската унија, што е доказ дека тие само сакаат нешто да направат, евентуална реформа, колку да се каже дека нешто се работи од временската агенда, но не вистински да се реформира. Посебно овој дел, во делот на правосудството, каде што граѓаните навистина очекуваат нешто вистински, позитивно да се случи“, рече Филипче.

Тој додаде дека владата на ВМРО-ДПМНЕ нема направено ниту еден чекор за почеток на преговорите со ЕУ.  

„Значи, оваа влада, освен што по пола мандат, не направи ништо со реформите, не направи ништо ниту пак со уставните измени за да ние почнеме вистинските преговори и отворањето на кластерите и поглавјата со Европската унија“, рече Филипче.

Притоа, Филипче укажа дека во новиот извештај којшто е стигнат и најавата за работата на новото кипарско претседателство не е спомната Македонија. 

„Се спомнува кратењето на фондовите од Европа, поради тоа што е владата ваква каква што е. Премиерот кажува реформска агенда. Сега требаше многу работи да се случат, за жал, разоткриени се. Ние ќе поддржиме сè што треба да се поддржи за да земјата тргне напред“, нагласи Филипче.

 Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека разговарал со Али Ахмети, но тоа било само во врска со повторените избори за градоначалник на Гостивар.

„Таму заеднички го поддржавме кандидатот од Алијанса. Градот има сериозни проблеми, потреби имаат граѓаните соодветни, реорганизација во однос на тоа како ќе се постави градоначалникот сега откако оваа наша поддршка му донесе и нему победа“, изјави Филипче.

Тој рече дека нема никаква коалиција и изрази жалење што дел од политичките партии со тоа што отидоа на лидерската средба, летигимираа власт која е навлезена во корупција и ја држат земјата во изолација. 

„Мислам дека ниту една политичка партија не треба да даде поддршка на ваква власт, затоа што со оваа власт тендерска коалиција на ДПМНЕ и ЗНАМ, Македонија нема иднина“, рече Филипче.